Z3_Main

За оние што не знаат, Tizen е нов еко систем на сцената на паметни уреди од Samsung, кој корејската фирма го вградува пред се во своите паметни часовници, но полека го пренесува и кај телефоните. Новиот Z3 доаѓа со Tizen v2.3 оперативниот систем, солидни спецификации и исклучително ниска цена. Засега е наменет само за пазарот во Индија.

Главната предност на Tizen оперативниот систем според Samsung е неговата брзина, односно можноста да работи мазно и брзо и кај поевтините телефони, за разлика од Android. Ова значи дека и покрај тоа што Z3 има процесор со четири јадра од Spreadtrum (и јас прв пат слушам за него) кој работи на 1,3 GHz и 1 GB рам меморија, корисникот не би требал да има проблеми со кочење или замрзнување.

samsung-z3-tizen

Уредот е опремен и со 8 GB простор за складирање податоци со можност за проширување преку micro SD картичка, како и задна камера од 8 и предна од 5 мегапиксели со ултра широка леќа за групните селфија. Секако, како и секој модел наменет за Индија и овој доаѓа со dual SIM можност.

Асот во ракавот на Samsung Z3 е сепак големиот 5 инчен екран со Super AMOLED технологија и резолуција од 1280х720 пиксели, кој во квалитет би требал да биде сличен на оној од Samsung Galaxy S3. Ова особено добива на тежина кога ќе ја спомнеме цената, која изнесува само 130 долари.

Сепак, за сите што мислат на купување на Samsung телефон со Tizen, и покрај сите позитивни карактеристики, треба да се знае дека бројот на апликации е ограничен, особено во споредба со iOS и Android.

Извор: Venture Beat, GSM Arena

Претходна статијаNotify – Facebook работи на апликација за поактивно следење на новости
Следна статијаLG G4 ќе биде првиот телефон што ќе добие Android 6.0 Marshmallow