Со месеци пред официјалното претставување на iPhone 15 серијата, кога полека стана јасно дека Apple оваа година конечно ќе го префрли нивниот смартфон на USB-C приклучок, започнаа гласините за можното ограничување на истиот.
Причината поради која се веруваше дека од компанијата ќе ги ограничат „перформансите“ на USB-C приклучокот, зависно од кабелот кој се користи, е во таквата практика со Lightning приклучокот.
Користењето на кабли и додатоци кои не се сертифицирани од страна на Apple, доведуваше до предупредување и скратување на одредени функции кои им се достапни на корисниците кои купиле „Made for iPhone“ кабел.
Се веруваше дека истата практика ќе продолжи и по воведување на USB-C приклучокот, но тоа сепак не е случајот.
Како што заклучуваат од ArsTechnica, по нивното тестирање, USB-C приклучокот во iPhone 15 серијата е стандарден и на него можат да се приклучат било кои кабли. iPhone нема да „се побуни“ ако кабелот не е од Apple или некој од партнерите на компанијата, па корисниците слободно можат да користат какви сакаат кабли.
Apple сепак ги ограничи корисниците на одреден начин преку поделба на моделите и функциите. Основните iPhone 15 модели доаѓаат со USB 2.0 стандардот, а со тоа и брзина на пренос на податоци до 480 Mbps, додека Pro моделите доаѓаат со USB 3 и брзина на пренос на податоци до 10 Gbps.
Мал е бројот на корисници кој би го забележал ова при користење, а во главно затоа што ретко кој веќе префрлува податоци преку кабел. Брзината на пренос кај основните модели е иста со таа како кај телефоните со Lightning приклучокот, па корисниците на основните модели го добиваат досега достапното искуство.
Од ArsTechnica не ја исклучуваат можноста да Apple сепак ја продолжи Made for iPhone програмата, со што за одредени кабли и додатоци ќе гарантира сигурно корисничко искуство.