microsoft-new-lumia-950-950-xl-need-major-tweaks

Меѓу трите најпопуларни мобилни оперативни системи (ако може Windows Phone да се смета како популарен), само Android во моментов работи со x86 чиповите на Intel и тоа во помал број. Работите наскоро ќе се сменат – како што беше најавено, Windows 10 Mobile отсега е компатибилен со чиповите на Intel и многу наскоро би можеле да видиме и такви телефони на пазарот, меѓу кои и секако долго очекуваниот Surface Phone.

Да потсетиме, x86 архитектурата се користи во десктоп и лаптоп компјутерите и е генерално помоќна во однос на ARM архитектурата, која се користи во паметните телефони и таблетите. Сепак, со Atom чиповите, Intel се обидува да ја внесе оваа архитектура и во мобилните уреди, нешто во кое би можел да помогне Windows 10 Mobile.

Неодамна беше најавено дека во ваквите телефони ќе биде вградуван Intel Atom X3 чипот, кој е од ниската класа и засега нема 4G можност, но ова отвора можности и за вградување на многу помоќни чипови, како на пример X5 и X7, кои се директни конкуренти на најмоќните ARM чипови, како Snapdragon 810, Exynos 7420 и Apple A9. Во моментов, достапни се Windows 10 Mobile уреди само со Qualcomm чипови.

Но, што добиваат корисниците од вградувањето на Intel чип? Прво што паѓа на памет е секако можност за инсталирање на стандардни Windows програми – истите оние што ги имате во вашиот компјутер. Да, овие не се оптимизирани за работа на мал дисплеј на допир, но замислете да можете да ги користите преку Continuum опцијата на поголем дисплеј – вака ќе имате вистински десктоп компјутер.

И секако, информацијата дека Windows 10 Mobile е компатибилен со Intel чипови само ги подгреа гласините дека на крајот од годинава ќе го видиме Surface Phone на Microsoft, кој според тоа што досега го видовме од Surface тимот, би можел да биде жестока конкуренција на iPhone и Android уредите, пред се поради погоре споменатата Continuum можност.

Извор: PCWorld, Microsoft, TechTimes

Претходна статијаРобот ја решава Рубиковата коцка за нешто повеќе од 1 секунда
Следна статијаPine 64 е првиот 64-битен мини компјутер, кој чини само 15 долари!