Meta подготвува значителна промена во својот бизнис модел преку воведување на нови премиум претплати кои ќе бидат достапни на сите три клучни платформи. Како што пренесува TechCrunch, компанијата планира во наредните месеци да започне со тестирање на ексклузивни функции кои ќе им понудат на корисниците поголема контрола врз нивните профили, напредни алатки за продуктивност и нови можности базирани на вештачка интелигенција.
Овие нови претплати ќе бидат целосно одвоени од веќе постоечкиот сервис Meta Verified. Додека верификацијата е првенствено наменета за креаторите и бизнисите, новите пакети ќе се фокусираат на пошироката публика и на „обичните“ корисници кои сакаат дополнителни функционалности.
Meta потврди дека секоја апликација ќе има специфичен сет на премиум додатоци, наместо еден универзален пакет за сите платформи.
На Instagram, првите најави сугерираат дека претплатниците би можеле да добијат опции за анонимно гледање на Stories, неограничени листи на публика и детални увиди за тоа кои следбеници не ги следат назад.
Најголемиот фокус сепак ќе биде ставен на вештачка интелигенција, вклучувајќи го пристапот до напредниот ВИ агент Manus и можноста за креирање на видеа преку алатката Vibes.
Иако Meta сè уште не ги открива цените и точниот датум на лансирање, стратегијата е јасна, диверзификација на приходите по примерот на Snapchat+, кој веќе бележи огромен успех.
За оние кои не сакаат да плаќаат, добрата вест е што основниот пристап до Facebook, Instagram и WhatsApp ќе остане бесплатен, а претплатите ќе се нудат само како опционална надградба за најактивните корисници.










































