Фото: Google

Google најавија неколку новини кај Chrome поврзани со вештачката интелигенција, односно со интеграцијата на Gemini. Овие новини ја зголемуваат интеграцијата на Gemini, а одат во очекуван правец, односно за кратко повеќето интернет прелистувачи ќе ги имаат овие или слични функции. 

Насловот на објавата „Новата ера на прелистувањето: Ставање на Gemini во функција во Chrome“, кажува доста, односно Chrome сега може да се каже дека „конечно“ станува вистински ВИ прелистувач. 

Како и со претходните ВИ функции кои станаа дел од Chrome, така и овие, не се веднаш достапни во Македонија, па нашите корисници ќе мора или да почекаат или да ги користат некои од конкурентните ВИ прелистувачи, како Dia од The Browser Company или Atlas од OpenAI. 

Новите функции кои ги добива Chrome делумно веќе се дел од прелистувачот, па сега добиваат надградба. 

Gemini веќе беше достапен преку копче во прелистувачот, но сега тоа копче ја отвора новата „странична лента“, преку која корисниците добиваат целосен пристап до Gemini „четботот“. 

Преку оваа лента Gemini може да се користи класично за било какви прашања, но и за интеракција со отворените веб страни. 

Дополнително, со новата лента корисниците добиваат и директен пристап до Nano Banana моделот за слики, како и дополнителни Google апликации кои сега можат да се поврзат со Gemini. 

Главната ВИ новина која досега не беше дел од Chrome е можноста прелистувачот, односно Gemini да „сурфа“ во име на корисникот. Се работи за интеграција на таканаречените ВИ „агенти“, кои можат да извршуваат активности како резервирање на хотелско сместување и слично. 

Колку и да се корисни агентите, сепак не сум сигурен дека уште е дојдено нивното време, па покрај грешките кои сѐ уште ги прави вештачката интелигенција, тука се и ризиците кои ги откриваат од Brave.