Фото: Depositphotos

GitHub најави промена во својата политика за користење податоци која се однесува на нивниот асистент за програмирање, GitHub Copilot. Според официјалното соопштение, компанијата од 24 април ќе започне со користење на податоците од интеракциите на корисниците за дополнително тренирање и подобрување на своите модели за вештачка интелигенција.

Новите правила ги опфаќаат корисниците кои ги користат пакетите Copilot Free, Pro и Pro+. Податоците кои ќе се прибираат ги вклучуваат внесовите од корисниците, генерираните одговори од асистентот, деловите од кодот и поврзаниот контекст од работната околина. 

Корисниците на деловните пакети, односно Copilot Business и Copilot Enterprise, не се засегнати од оваа промена и нивните податоци нема да се користат за тренирање.

Во однос на приватноста, GitHub нагласува дека собраните податоци може да бидат споделени со нивните корпоративни соработници, вклучително и Microsoft. Сепак, компанијата гарантира дека овие информации нема да бидат споделени со трети страни кои нудат ВИ модели или со други независни провајдери на услуги.

Програмерите кои не сакаат нивниот код и секојдневни интеракции да бидат дел од тренинг процесот на GitHub, имаат можност да се откажат преку поставките за приватност на нивните профили. Доколку корисникот претходно веќе ја има исклучено опцијата за прибирање податоци за подобрување на продуктот, компанијата ќе ја задржи таа преференца и податоците нема да се користат освен ако корисникот сам не одлучи да ги вклучи.

Првичните модели на Copilot се креирани со користење на јавно достапни податоци и рачно селектирани примери на код. Според компанијата, иднината на развојот на софтвер потпомогнат од вештачка интелигенција зависи од податоци базирани на реални интеракции од самите програмери.