Фото: Growtika / Unsplash

Google најави значителна промена во распоредот за ажурирање на својот веб прелистувач Chrome. Подоцна оваа година, компанијата ќе го напушти досегашниот четиринеделен циклус кој беше воведен во 2021 година и ќе премине на издавање нови главни стабилни верзии на секои две недели. 

Тогаш Chrome беше ажуриран на секои шест недели, па преминувањето на четири делуваше како доста брз циклус, а што да кажеме сега со новата промена. 

Оваа промена има за цел да го забрза пристапот до новите можности и подобрувањата на перформансите за сите корисници.

Новиот распоред официјално ќе стапи на сила на 8 септември 2026 година, со објавувањето на стабилната верзија Chrome 153. Забрзаното темпо ќе важи за сите платформи, што ги вклучува десктоп верзиите за Windows, macOS и Linux, како и мобилните апликации за Android и iOS. 

Според тимот на Chrome, веб платформата постојано напредува, а нивната цел е да им овозможат на програмерите и на крајните корисници побрз пристап до најновите поправки и функционалности. Иако изданијата ќе бидат почести, Google посочува дека нивниот помал обем ќе ги минимизира прекините во работата и значително ќе го поедностави решавањето на евентуалните проблеми по нивното објавување. 

Покрај главните верзии на секои две недели, Google ќе продолжи со дистрибуција на редовните неделни безбедносни ажурирања кои ги штитат корисниците од најновите закани. 

За деловните корисници и администраторите на ИТ системи на кои им е потребно повеќе време за тестирање пред имплементацијата, каналот Extended Stable ќе го задржи својот тековен осумнеделен циклус.