iFixit за повеќето најверојатно се познати од видеата кои ги објавуваат за тоа колку некој од новите смартфони се лесни или тешки за поправка. Се работи за заедница која е специјализирана за поправка на разни видови на производи, а исто така од компанијата ги продаваат потребните алати за поправка врз основа на нивните упатства.
FixBot е најновата функција дел од iFixit, а истата е достапна преку веб, како и преку мобилните апликации за iOS и Android. Достапна е бесплатна верзија, но навистина корисна е верзијата која се плаќа, а за која сѐ уште не е одредена цената.
Во основа се работи за „четбот“ кој е специјално трениран на огромната колекција на решенија за поправка која од iFixit ја имаат градено изминатите 20 години.
Корисниците, слично како на ChatGPT, Gemini и другите, по изборот на уредот со кој имаат проблем, можат да постават прашање, односно да го објаснат нивниот проблем.
Како одговор се добива препорака како да се дијагностицира проблемот, како и потоа како да се поправи. Платената верзија овозможува и користење на гласовни команди, објаснување гласовно од страна на FixBot, како и испраќање на слики и видео од проблемот.
Иако корисниците веќе се имаат научено да ги користат производите како ChatGPT, претставувањето на FixBot дефинитивно е корисна алатка која на корисниците може да им помогне во поправката на нивните телефони, друга електроника, домашни уреди, автомобили и многу повеќе.











































