Фото: Microsoft

Microsoft донесе одлука да го одложи почетокот на фазата во која новиот Outlook ќе стане стандарден избор за деловните корисници. Оваа фаза, позната како „opt-out“, првично беше планирана да започне во април 2026 година, но според најновото известување во Microsoft 365 Message Center, истата е официјално поместена за март 2027 година. Со овој потег, организациите добиваат дополнителни 12 месеци за да се подготват за миграцијата кон новиот софтвер.

Фазата „opt-out“ претставува клучен момент во транзицијата на платформата. За време на овој период, новиот Outlook автоматски се активира како примарен клиент за е-пошта за корисниците, иако тие сè уште ја задржуваат можноста рачно да се вратат на користење на класичната верзија. По оваа фаза следува конечниот премин, при што опцијата за користење на стариот клиент целосно ќе биде отстранета. 

Microsoft претходно потврди дека класичниот Outlook ќе биде поддржан најмалку до 2029 година, што значи дека целосниот процес ќе се одвива постепено.

Во своето официјално соопштение, Microsoft наведува дека одложувањето е направено со цел да се осигура дека организациите го имаат потребното време за подготовка, како и да се овозможи дополнителен простор за испорака на клучни функции и подобрувања во самата апликација. 

Од друга страна, ИТ аналитичарите посочуваат дека новиот клиент сè уште не ги поседува сите напредни функционалности кои им се неопходни на комплексните деловни системи. Ова најверојатно придонело до слаб одзив и одредено негодување кај бизнис корисниците кои не биле подготвени за присилна промена во овој момент.

За ИТ администраторите, промената на распоредот значи намалување на притисокот за брзо интегрирање на новиот софтвер. Од нив се очекува да го искористат овој дополнителен период за темелно тестирање на компатибилноста на новиот Outlook со постоечките интерни алатки, како и за креирање на соодветни полиси за управувана миграција кои ќе одговараат на специфичните потреби на нивните организации.