Microsoft најави дека во Windows Insider верзиите од Windows 11, пушти неколку новини за две нивни апликации, односно за Notepad и Paint. Ова се две апликации кои не ретко добиваат нови функции изминатите години, а тоа е дефинитивно чудно со оглед дека ретко кој ги користи, освен за мали и брзи работи.
Notepad добива подобрување на Markdown функцијата, која исто така е доста нова, па сега корисниците ќе можат да додадат „прецртување“ врз текстот, како и можност за вградени листи, односно листи со повеќе нивоа.
Дополнително, поради честото додавање на нови функции, Notepad сега ќе има „Што е ново“ дел кој ќе се појавува врз апликација секогаш кога ќе има нешто ново.
Оваа апликација исто така добива подобрување на интеграцијата со вештачката интелигенција, па секогаш кога корисникот ќе побара да му биде напишан или изменет текст, активноста ќе ја гледа во вистинско време, наместо да чека додека целосно биде извршена.

Paint апликацијата добива нова функција, а истата е можност за генерирање на „боенки“ преку интеграцијата со вештачката интелигенција. Корисниците ќе треба да ја изберат оваа функција, па да опишат каква боенка би сакале да им биде генерирана.
Оваа апликација исто така добива можност за избор на нивото додавање на боја кога се користи „Fill“ алатката, со нов „слајдер“ кој се појавува на левата страна од корисничкиот интерфејс.
Дел од коментарите за овие новини се целосно очекувани, а се поврзани со непотребното давање внимание на овие две апликации, наместо ресурсите да се насочат кон многу поважни исправки кои се потребни кај Windows 11.
Сепак, Microsoft изгледа се решени вниманието во главно да го насочат кон вештачката интелигенција, односно Copilot, а статистиките покажуваат дека Windows одамна е далеку од првото место на заработка за компанијата.









































