Иако изминатиот период често ги критикуваме Microsoft и Windows 11, сепак не е се толку лошо кај овој оперативен систем. Една од посветлите страни е достапноста на PowerToys апликацијата од Microsoft, која на Windows му додава повеќе функции за понапредните корисници.
На оваа апликација дури може да се гледа како на таква која Windows го доближува до macOS и Linux во одредени аспекти, а од компанијата оваа недела ја пуштија најновата верзија од истата.
PowerToys 0.97 донесува најмногу новини кај една од најдобрите алатки кои се дел од неа, односно за Command Palette, порано наречена Run.
Command Palette во основа ја донесува на Windows 11 една од најкорисните и најпопуларни функции од macOS, а тоа е Spotlight функцијата преку која корисниците можат да го пребаруваат системот, да пребаруваат на интернет, да вклучуваат апликации, како и да извршуваат повеќе команди.
Со PowerToys 0.97, Command Palette добива три новини, односно можност за менување на позадината со различни бои или слики од корисникот, како и можност за менување на редоследот во кој се прикажуваат резултатите од различните можни команди.
Третата новина ја донесува можноста за директна контрола на PoweerToys преку команди во Command Palette, а ова е една од најмногу бараните новини од страна на корисниците, истакнуваат од Microsoft, а можам да разберам зошто.
Уште една новина Microsoft ја истакнува како главна кај PowerToys 0.97, а истата е наречена CursorWrap. Истата е наменета да се користи во ситуации кога корисникот има повеќе монитори, а со оваа функција корисникот ќе може да ја вклучи кога не сака „курсорот“ да му помине на некој од другите монитори.
Целосната листа на новини кај оваа верзија од PowerToys, како и можноста за симнување ако веќе не ја користите, може да се најде на GitHub на овој линк.











































