Фото: Mozilla

Mozilla најави неколку новини кои ги подготвуваат за нивниот прелистувач Firefox, новини кои тие ги нарекуваат „повеќе причини да го сакате Firefox“. 

Главната новина која ја најавија е додавањето на вграден и бесплатен VPN сервис, кој за почеток ќе им биде достапен само на корисниците од САД, Франција, Германија и Обединетото Кралство, почнувајќи со Firefox 149 кој ќе стане достапен од 24 март. 

Од организацијата тврдат дека за разлика од некои други бесплатни VPN решенија, нивното ќе се грижи за приватноста на корисниците, но со оглед на угледот на Mozilla изминатиот период, ќе мора да го провериме истото. 

Фото: Mozilla

Firefox дополнително добива и нов ВИ дел наречен „Smart Window“, нешто што досега беше наречено „AI Window“, а во основа ја претставува можноста корисниците да сумираат статии, да побараат дефиниции и слично. 

Одлична е новината „Split view“ која овозможува отворање на две страни една до друга, а тука е и „Tab Notes“ новината која овозможува пишување на белешки за секоја отворена страна. 

Од Mozilla за првпат го потврдија и редизајнот на којшто работат, па со тек на време ќе може да се забележи нов стил кај веб страната, прелистувачот, темите, иконите и повеќе. 

Тоа што не е баш јасно како потреба е претставувањето на маскотата „Kit“, која изгледа ќе биде тука да ги „шири“ информациите за Firefox и мисијата на организацијата.