Најновата бета верзија од Phone by Google апликацијата започна со тестирање на веќе најавената функција наречена „Expressive Calling“. Истата на корисниците им овозможува да го означат повикот којшто го прават како „итен“, а со тоа другата страна да биде известена дека се работи за повик кој е поважен.
Ознаката на повикот се прави при неговото правење, а другата страна ќе може да ја види ознаката во форма на мал банер на горната страна со икона од сирена како од полициските возила и текстот „итно е“.
Во прилагодувањата корисниците ќе можат да изберат да дозволат ваквите повици да го „прекршуваат“ режимот „не вознемирувај“ со што ќе бидат сигурни дека итните повици ќе ги добијат дури и кога тој контакт не е додаден во листа.
Ова секако потенцијално отвора проблеми, односно можност за злоупотреба на оваа функција од корисниците, па ќе видиме во иднина како ќе функционира истата, а и како ќе ја прифатат корисниците.
Засега корисниците на бета верзијата од Phone апликацијата ќе можат да ја вклучат оваа функција, а за да можат да ја користат ќе мора да прават повици со корисници кои исто така ја користат бета верзијата.
Иако производителите обично имаат нивни апликации за правење повици, корисниците на Android имаат можност да ја симнат апликацијата од Google, а голем дел од корисниците тоа и го прават.










































