Фото: Waterfox

Mozilla веќе подолг период не се тоа што беа, односно нивниот Firefox од алтернативен прелистувач на големиот Internet Explorer, со посебен акцент на приватноста и отвореноста, постепено почна да добива функции кои не се прифатени баш најдобро од корисниците. 

Најновите критики за Mozilla доаѓаат по назначувањето на нов директор на Mozilla Corporation, кој иако имаше доста добри најави, сепак една работа се истакнува како проблем на сето тоа. 

Кратко кажано, Firefox треба да прерасне во модерен ВИ прелистувач, а на вистинските корисници на овој прелистувач им е веднаш јасно дека тоа е уште едно, овој пат доста големо, менување на правецот на старата Mozilla. 

Основачот на една од најпознатите „гранки“ од Firerox, познатиот Waterfox, Алекс Контос, објави не така кратка статија со наслов „Нема ВИ тука – Одговор на наредното поглавје на Mozilla“. 

Контос со право истакнува дека во денешно време терминот вештачка интелигенција премногу се користи и според него повеќе сокрива отколку што објаснува што точно значи. Одредени технологии со ВИ се навистина корисни, но според Контос тоа не може целосно да се каже за големите јазични модели. 

Тој јазичните модели ги споредува со црна кутија, во која никој не може да знае што се случува со податоците од корисниците.

„Големите јазични модели се сосема друга работа. Тие се црни кутии. Не можете да ги ревидирате. Не можете навистина да разберете што прават со вашите податоци. Не можете да го потврдите нивното однесување. А Mozilla сака да ги стави во срцето на прелистувачот и тоа не ми се допаѓа.“ – истакнува Контос. 

Потоа продолжува со објаснување дека прелистувачите претставуваат еден вид на кориснички агенти кои ги претставуваат корисници и дејствуваат во нивно име. Додавањето на големите јазични модели е исто како додавање на уште еден агент врз агентот. 

„Кога ќе воведете потенцијален LLM слој помеѓу корисникот и вебот, создавате нешто поинакво: еден вид “кориснички агент на кориснички агент”. ВИ станува новиот кориснички агент, посредувајќи и толкувајќи помеѓу вас и прелистувачот. Ги реорганизира вашите табови. Ја препишува вашата историја. Донесува одлуки за тоа што ќе видите и како ќе го видите, врз основа на логика што не можете да ја испитате или разберете.“

„Mozilla ветува дека „вештачката интелигенција секогаш треба да биде избор – нешто што луѓето лесно можат да го исклучат“. Тоа е во ред. Но, како да следите што всушност прави црната кутија кога е вклучена? Како да го ревидирате нејзиното однесување? Како знаете дека не го преобликува вашето искуство со прелистување на начини што не сте ги забележале?“

За Waterfox тој најавува дека нема да има вештачка интелигенција и големи јазични модели, барем не во блиска иднина и не во формата во која постојат сега, односно во ова ниво на развој и корисност. 

Контос исто така добро истакнува дека Mozilla требале да продолжат да ги таргетираат напредните корисници како и секогаш, а не како сега што го тартегираат просечниот корисник, па ги разбира зошто носат одлуки кои сметаат дека мора и кои ќе им донесат пари.

Целата објава од Алекс Контос можете да ја прочитате тука