Фото: EFF

EFF, односно Electronic Frontier Foundation, започна кампања преку која сакаат да ги мотивираат компаниите подобро да ги штитат податоците од корисниците. Поточно, од ИТ компаниите се бара конечно „да ги шифрираат“ податоците од корисниците, а оваа практика да се користи почесто и стандардно .

Официјалното име на кампањата е „Encrypt It Already“, а на страната од истата се истакнати конкретните примери на што од познатата фондација го сметаат како клучно за овој период. 

Од EFF истакнуваат дека најдобар начин за заштита на приватноста на корисниците и овозможување тие да бидат во контрола над своите податоци е преку користењето на „од-крај-до-крај“ шифрирањето на податоците. 

Ова веќе е практика кај компаниите, но од EFF со право истакнуваат дека шифрирањето не е целосно воведено, не се користи стандардно кај сите, а имплементацијата не е до крај јасно објаснета, посебно за обичните корисници. 

Како примери за што е тоа што го бараат од фондацијата се такви како барање Facebook да го воведе шифрирањето на разговорите и кај групните разговори, Apple и Google да го воведат шифрирањето кај RCS пораките, како и воведување на шифрирани разговори кај Bluesky мрежата. 

Од EFF продолжуваат со барање до Telegram да го користат шифрирањето на разговорите кај сите разговори, WhatsApp да ги шифрира „бекапите“ на разговорите, како и шифрирање на видеата од Ring уредите. 

„Шифрирањето од крај до крај го штити она што го кажуваме и она што го складираме на начин што им дава на корисниците – а не на компаниите или владите – контрола врз податоците. Овие видови функции за заштита на приватноста треба да бидат статус кво низ низа производи, од носиви уреди за фитнес до апликации за белешки, но наместо тоа, тоа е ретка функција ограничена на мал сет услуги, како што се пораки и (повремено) складирање датотеки. Овие барања се само почеток. Заслужуваме ваков вид заштита за многу поширок спектар на производи и услуги. Време е веќе да ги шифрираме!“ – истакнуваат од EFF. 

Слободно може да се заклучи дека се работи за одлична кампања која се надеваме дека ќе успее, односно дека компаниите ќе го продолжат трендот на воведување на шифрирање, кој доста бавно го спроведуваат.