WhatsApp во моментов работи на нова функција која ќе им овозможи на корисниците да се приклучат на разговорите дури и доколку немаат креирано сопствен профил. Според информациите кои ги пренесува порталот 9to5Mac, станува збор за опција наменета за таканаречени гостински разговори, која е забележана во најновите бета верзии на апликацијата.
Овој потег претставува промена во досегашниот начин на кој функционира сервисот, кој стриктно бараше активен телефонски број и регистриран профил за каква било интеракција на мрежата.
Новиот систем е дизајниран да функционира преку систем на покани со линкови. Регистрираните корисници ќе можат да генерираат и споделат специфичен линк со лица кои не ја користат платформата. Со кликнување на тој линк, корисниците ќе добијат статус на гости и ќе им биде овозможен пристап до разговорот, најверојатно преку веб-интерфејс, каде што ќе можат да испраќаат и примаат пораки.
Нивниот пристап ќе биде изолиран и ограничен исклучиво на конкретниот разговор за кој е наменет линкот, без можност за пристап до други делови или функции на WhatsApp.
Воведувањето на гостински пристап ја олеснува комуникацијата во ситуации каде што е потребна брза координација со надворешни лица. Ова има практична примена кај деловните корисници и привремените работни групи, каде што барањето од соговорникот да преземе апликација и да отвори профил може да претставува пречка.
Со оваа функционалност, WhatsApp воведува модел кој е веќе стандарден кај платформите за онлајн состаноци и видео конференции.
Функцијата во моментов се наоѓа во фаза на развој и не е достапна во стабилната верзија на апликацијата. Од компанијата Meta засега немаат објавено информации за тоа кога опцијата за гостински разговори ќе биде официјално пуштена во употреба, ниту пак се објавени техничките детали.
Од тоа што може сега да се види, оваа функција ќе биде ограничена на единечни разговори и во истите нема да има многу можности, како додавање слики и слични.










































