За „судбината“ на WhatsApp апликацијата на Windows можевме да прочитаме во јули оваа година кога бета верзијата од апликацијата повторно беше направена како веб апликација.
После повеќе години на користење на Electron за WhatsApp на Windows, истата бешепуштенакако изворна апликација, нешто што донесе доста подобро корисничко искуство за корисниците.
Тоа што го дознавме во јули од бета верзијата сега станува дел од финалната верзија, односно со наредната надградба на апликацијата, корисниците ќе ја добијат новата веб верзија од WhatsApp.
Во основа, на Windows апликацијата се враќа на верзијата која е од web.whatsapp.com, но добро е што истата не е само обичен „web wrapper“, па се користи WebView2 технологијата која овозможува поголема интеграција со оперативниот систем.
Сепак, според информации од Windows Latest, исто како што беше случајот со бета верзијата, така и финалната, WhatsApp троши доста повеќе RAM од изворната верзија.
Трошењето на повеќе RAM само по себе не е лоша работа, но според порталот, апликацијата функционира доста побавно, односно перформансите не се баш најдобри.
Во ист правец од Meta отидоа и за другата нивна апликација за разговори, Messenger, чија изворна верзија беше тргната од Windows, но во случајот со оваа апликација и од macOS.
Инсталирањето на Messenger како веб апликација донесува доста лошо искуство, а апликацијата после одреден период знае целосно да забави и да не може да се користи. На крајот најдобро останува истата да се отвора преку прелистувач кога се има потреба за користење.










































