Apple купи уште една компанија која што работи на развој на технологија од областа на навигацијата, мапи, односно GPS системи. Се работи за продолжување на трендот на купување на вакви компании во последните години.
Најновата компанија која што е купена од Apple е Coherent Navigation од Сан Франциско, САД. Како и обично, од Apple не даваат повеќе информации за зделката, како и кои се плановите за понатамошна работа. Тие само со кратка изјава преку email ја потврдија зделката за New York Times:
Apple купува помали технолошки компании од време на време и во основа не ги коментираме нашите планови и цели.
Компанијата Coherent Navigatin е позната по развојот на GPS систем кој што треба да е многу попрецизен од денеска комерцијално користените. Тоа тие го постигнуваат со користење покрај на стандардните GPS сателити и на друг сателитски систем кој што се наоѓа во пониска орбита на Земјата.
Се верува дека ваквите системи можат да бидат прецизни во одредувањето на позицијата дури и до неколку сантиметри, наместо најчесто добиените метри.
Поради тоа што од Apple не даваат повеќе информации околу причината за купување на оваа компанија, останува само да се претпоставува.
Според некои информации тие продолжуваат со својата желба да направат свој систем на мапи кои што ќе бидат подобри од другите решенија достапни на нивните платформи, а ова посебно важи за Google Maps. Исто така, треба да се земе во предвид и не толку успешното претставување на нивните мапи пред неколку години кои што во многу ситуации се покажаа дека имаат грешни информации.
Други информации говорат дека ваквата технологија е клучна во развојот на само управувачки автомобил за кој што се шпекулира дека од компанијата го развиваат во тајност. Меѓутоа до сега Apple нема потврдени вакви планови, па не е сигурно што ќе испадне на крај.
Извор: The New York Times, MacRumors