Apple ја забрзува својата работа на неколку нови категории на уреди „за носење“ кои треба да го прошират екосистемот на компанијата надвор од традиционалните рамки на iPhone.
Според најновите информации кои ги објави Марк Гурман, фокусот е ставен на три специфични производи: паметни очила, мултифункционален приврзок и AirPods Pro слушалки опремени со камери. Сите овие уреди се дизајнирани со една примарна цел, да и овозможат на вештачката интелигенција, односно на Siri, визуелен контекст за светот што го опкружува корисникот.
Најзабележителен меѓу овие проекти се паметните очила, кои внатрешно се водат под кодното име N50. За разлика од Vision Pro, овие очила нема да имаат вградени екрани, туку ќе се потпираат на камери, звучници и микрофони, односно нешто слично на Ray-Ban очилата од Meta.
Идејата е корисникот да може да поставува прашања за објектите што ги гледа пред себе, да добива навигација преку аудио насоки или да користи функции за превод во реално време.
Apple планира да започне со производство кон крајот на оваа година, со цел уредот да биде подготвен за пазарот во текот на 2027 година.
Покрај очилата, за тие кои не сакаат да ги носат, Apple развива и нов тип на додаток во форма на приврзок кој може да се закачи на облеката или да се носи околу вратот. Овој уред, кој по димензии би бил сличен на AirTag, би содржел камера и микрофон кои се постојано активни. Неговата функција е да служи како додаток на iPhone кој ќе му овозможи на оперативниот систем постојано да ја набљудува околината и да нуди проактивна помош без потреба од вадење на телефонот од џеб.
Третиот сегмент од оваа офанзива се новите AirPods кои би вклучувале инфрацрвени камери со ниска резолуција. Овие камери не се наменети за фотографирање, туку за препознавање на гестови и просторна свест. Со нивна помош, корисниците би можеле да го контролираат интерфејсот со едноставни движења на рацете, додека Siri би имала подобра претстава за тоа каде се наоѓа корисникот и што прави во моментот.
Овој чекор на Apple доаѓа како директен одговор на зголемената конкуренција во секторот на ВИ хардвер, каде компании како Meta веќе имаат успешни производи. Наместо да се обидува да го замени iPhone, стратегијата на Apple е да создаде периферни уреди кои ќе го направат паметниот телефон уште поцентрален дел од секојдневието, користејќи ја вештачката интелигенција како мост помеѓу дигиталниот и физичкиот свет.
Останува уште да видиме како оди развојот на новата верзија од Siri кои од компанијата повторно ја одложија.










































