Потребата од дата центри отсекогаш била голема, но истата драстично се зголемува со развојот на генеративната вештачка интелигенција и големите јазични модели.
Google за задоволување на оваа потреба ќе тестира изградба на дата центри во вселената, поточно во орбитата на Земјата. Првите два сателити кои би требало да ја прикажат можноста, функционалноста и на крајот исплатливоста на овој проект би биле лансирани на почетокот од 2027 година.
Project Suncatcher е името на овој истражувачки експеримент од компанијата, а за истиот тие објавија и студија.
Предностите кои се очекуваат од поставувањето на дата центри во орбитата на Земјата се можноста тие да функционираат целосно на сончева енергија. Во орбитата искористувањето на сонцето е многу поголемо, а сателитите би биле поставени на позиција која ќе им овозможи константна изложеност на зраците од нашата ѕвезда.
Планот е дата центрите да комуницираат помеѓу себе безжично, како и со опремата на Земјата. Поради тоа тие би биле поставени во пониската орбита, за комуникацијата да може да се одвива со потребната брзина и без големо доцнење.
Тест дата центрите би биле опремени со Tensor Processing Unit, односно TPU чиповите од компанијата, а дел од предизвикот ќе биде и да се тестира какво влијание ќе има на нивната работа радијацијата која ја има во вселената.










































