otoyvr

Ако некогаш сте гледале панорамска 3Д фотографија (360 степени или помалку) преку сет за виртуелна реалност или на друго место, јасно е дека истата не изгледа целосно „реално“. Да, ќе можете да ги видите сите предмети, но сте ограничени да „стоите“ во истото место од каде што е сликана фотографијата.

Сега компанијата OTOY го претстави својот најнов систем на создавање 3Д панорамски фотографии кој се базира на т.н. „технологија на светлосни полиња“ (light-field) која не само што овозможува 3Д приказ на просторот околу вас туку и ви овозможува да се движите низ фотографијата и да ги гледате предметите од повеќе различни агли. Како што можете да видите на видеото подолу, пар на DSLR камери се поставени на ротирачки носач и ја фотографираат околината. Кога податоците се сместени во компјутер, резултатот кој се добива е 3Д реконструкција на просторот со огромна деталност.

За жал на видеото не може да се види како некој се движи низ виртуелниот простор кој е вака снимен, но се гледа како при вртење на главата со ВР сет се врти и 3Д репрезентација на сликата, што го прави чувството на 3Д простор многу поуверливо. Се` уште не е јасно како точно се реконструира 3Д просторот и се овозможува движење низ истиот. Ваквите системи обично се базираат на фотографирање повеќе позиции во некој простор, па потоа снимките со помош на алгоритам се презентираат на гледачот како да се вистински 3Д простор.

Од OTOY велат дека и покрај тоа што се снима во огромен детал просторот, компресијата на фотографијата е доволно добра за да ја држи зафатнината на прифатливо ниво. Останува да видиме како ќе се развива оваа технологија во иднина и дали ќе ни овозможи да погледнеме разни интересни објекти и да се движиме низ нив во висока 3Д резолуција.

Извор: Engadget, OTOY

Претходна статијаMIT создаде алгоритам кој ја вади вашата рефлексија од стаклата во фотографиите
Следна статијаНовиот Nexus телефон ќе дојде во две верзии