Се посигурно станува дека Apple идната есен ќе го претстави нивниот прв iPhone на преклоп, па со тоа ќе влезе во конкуренција со Galaxy Z Fold од Samsung и другите.
Иако има уште доста време и ќе прочитаме уште многу шпекулации, тие не престануваат да излегуваат, па најновите донесуваат добри вести, барем за тие кои би сакале да го купат првиот iPhone Fold.
Според најновите информации, Apple го имаат решено еден од главните проблеми кои ги имаат ваквите уреди и поради кој чекаа дури идната година да влезат на пазарот, а тоа е линијата која се појавува на местото каде што се превиткува екранот.
Од компанијата наводно успеале да го усовршат механизмот за превиткување и екранот, па iPhone Fold нема да има видлива линија во средината на поголемиот екран.
Информациите исто така најавуваат дека Apple конечно ќе се приклучи на трендот кој моментално само кинеските производители го користат, односно од компанијата ќе почнат да ги користат батериите со поголема густина.
Поради тоа се најавува дека iPhone Fold ќе дојде со батерија со капацитет од 5.400 до 5.800 mAh, доста подобар капацитет од првично најавениот од околу 3.000 mAh.
Камерата која ќе биде дел од поголемиот екран исто така е дел од гласините, па таа наводно ќе дојде со 24 мегапиксели и ќе биде под екранот. Според овие информации, Apple имаат направено напредок и во оваа област во споредба со конкурентите кои обично вградуваат камери со помала резолуција и полош квалитет.
Инаку, според досегашните информации, Apple наводно ќе го користи името iPhone Fold за овој уред, кој исто така се очекува да дојде со 7,8 инчен екран кога е отворен, а доста помал од конкурентите 5,5 инчен екран кога е затворен.
Цената се најавува дека ќе биде од 2.000 до 2.500 долари во САД, што значи во нашата земја ќе се продава за околу 150.000 до 180.000 денари.












































