“Kickstarter” сферата не престанува со интересните иновации. Најновата е мал, преносен проектор, кој може да се наврти во обичните фасонки во кои обично ги ставаме сијалиците. И не само тоа, Beam има и вграден цел Android компјутер во него, што значи дека не бара надворешен извор на мултимедијални содржини или апликации.
Навидум, Beam личи на некоја помодерна светилка, но во него вклучува проектор со светлина од 100 лумени, што е веројатно малку за гледање содржини на денска светлина, но доволно за гледање некој филм навечер, или пак во затемнета соба. Сепак, евидентно е дека многу мали конкурентни проектори веќе имаат можност за 150 лумени осветлување, што ги прави покорисни за осветлени простории.
Она кое го одделува Beam од толпата е вградениот Android компјутер со процесор со две јадра со брзина од 1,3 GHz и простор од 8 GB, на кој може да се инсталираат сите постоечки апликации. За навигирање низ содржините, Beam може да се поврзе со Bluetooth надворешни уреди, како на пример маус и тастатура, но истото може да го прави и со хардверските копчиња кои се вградени на надворешната страна од проекторот. Уредот има и можност за Wi-Fi поврзување, како и два вградени звучници од по 2 вати.
Исто така, бидејќи може да се стави во секоја фасонка, Beam може да се користи и како проектор кој ќе ја продуцира сликата на хоризонтални површини, што е идеално за презентирање содржини на двајца до тројца луѓе. Доколку корисникот сепак сака проектирање на вертикална површина, на помош е додатниот кабел за во струја.
Beam веќе го надмина првото фундирање од “Kickstarter” кампањата, со собрани 400.000 долари досега. Бидејќи има уште еден месец до затворањето на кампањата, со собирањето на повеќе средства, планирани се и надградби на хардверот, како на пример повеќе простор на дискот, односно можност за користење на проекторот како LED светилка во повеќе бои. Првите проектори на пазарот, пак, се очекува да пристигнат во Октомври оваа година.
Извор: Kickstarter, Geek