Фото: Matt Birchler / Unsplash

За разлика од повеќето неделни објави на Марк Гурман, во кои открива одредени неофицијални информации поврзани со Apple, вчерашната објава во главно е насочена кон критика на новите AirPods Max 2. 

Самиот наслов истакнува дека овие нови слушалки ја намалуваат линијата помеѓу маркетингот и иновациите, па јасно станува дека Гурман не е задоволен со надградбата на AirdPods Max 2 која доаѓа дури после шест години од првата верзија. 

Според Гурман, надградбата на слушалките е далеку од доволно голема за да може да се стави бројката „2“ во името. Со тоа корисниците мислат дека добиваат многу повеќе од што реално е случајот, па според него многу пореално би било доколку во името стои втора генерација во загради или слично, но тоа секако не звучи доволно добро. 

Чипот кој се користи кај AirPods Max 2 е H2, чип кој е добар, но беше претставен пред околу четири години, па корисниците на овие скапи слушалки не добиваат нешто баш ново. Гурман смета дека за Apple повеќе се исплати да го користат истиот чип кај сите нивни слушалки, па надградбата до некаде е поврзана и со тоа. 

AirPods Max 2 во главно го донесуваат овој нов чип, а немаат никаква промена кај дизајнот, материјалот кој се користи со што би се намалила тежината, како и траењето на батеријата. 

Слушалките секако добиваат подобрување на квалитетот на звукот, придушувањето на бучавата и слично, но ништо од тоа не е резултат на инженерска промена, односно е резултат само на новиот чип. 

Гурман прави споредба со новите верзии од слушалките од Apple кои се во формат за носење во уво, па истакнува дека тие навистина носеле доволен број на новини. 

Од објавата може да се заклучи дека AirPods Max 2 не се баш наменети во голем дел за корисниците на претходната верзија, а посебно кога ќе се земе високата цена во предвид, на пазарот има доста добри конкуренти кои се поевтини.