Што прави еден бренд кога ќе стане успешен и профитабилен? Се шири и на други полиња, секако. Најголемиот кинески производител на паметни телефони, Xiaomi, за петтиот роденден лансираше нов телефон, нов телевизор, како и паметна вага која може да се поврзе со Bluetooth и специјален продолжен кабел со вградени 3 USB порти за полнење на мобилните уреди.
Но, да почнеме од почеток. Новиот паметен телефон во гамата на Xiaomi е Redmi 2a, уред кој го карактеризираат солидни перформанси и многу ниска цена. Големината на екранот му изнесува 4,7 инчи и има резолуција од 1280х720 пиксели, додека во внатрешноста е вграден процесор со четири јадра со ARM Cortex A7 архитектура, која е позната по ниската потрошувачка на енергија, како и 1 GB рам меморија. Уредот ќе има 8 GB простор за складирање податоци, додека камерите се со 8, односно 2 мегапиксели. Цената во Кина ќе изнесува околу 96 долари. Покрај него, Xiaomi претстави и специјална розева верзија на новиот Mi Note, која ќе чини 400 долари и ќе се нуди заедно со бесплатна екстерна батерија за полнење.
Покрај паметните телефони, Xiaomi претстави и нов паметен телевизор со Ultra HD резолуција и големина од 55 инчи во дијагонала. Mi TV е исклучително тенок со само 15,2 mm и многу мала рамка од само 6 mm, а ќе се нуди со Bluetooth сабвуфер и звучник, со цел целосно уживање во гледањето на филмови. Во внатрешноста има Cortex A17 процесор со четири јадра и брзина од 1,4 GHz, 2 GB рам меморија и 8 GB простор за складирање податоци. Цената на вака опремениот Mi TV изнесува 800 долари, што е многу поволно со оглед на можностите.
Не помалку интересна е и новата паметна вага на Xiaomi, Smart Scale, која може да се поврзе со Bluetooth со паметен телефон и да ја следи тежината на 16 различни луѓе. Вагата е многу прецизна, со максимална грешка од само 50 грама, а е изработена од стакло и има LED светло, кое светнува кога ќе стапнете на нејзе. Најимпресивна е се чини цената на вагата, која изнесува само 16 долари, што е подеднакво на една обична вага за мерење.
На крај, Xiaomi претстави и специјален продолжен кабел со 3 USB порти, кој е наменет за паметните уреди и кој има исклучително мали димензии. На фотографијата се гледа дека уредот има и 3 излези за 110 волтна струја, па не можеме со сигурност да кажеме дали ќе биде понудена верзија и за нашите 220 – волтни уреди.
Со претставувањето на сите овие уреди, Xiaomi се обидува да направи целосно решение со низа паметни уреди за корисниците на нивните телефони. Во понудата, кинескиот производител веќе има и фитнес тракер, акциона камера, како и екстерна батерија за полнење, сите брендирани со Mi логото.
Извор: TechnoBuffalo, Android Authority