Вредност на реализирани трансакции
Асоцијацијата за е-трговија ги анализираше најновите објавени податоци за трансакции на места на продажба за е-трговија на Народната банка на Република Македонија, согласно кои може да се забележи дека во првите три квартали од 2025 година вредноста на вкупните трансакции направени кон е-продажни места од Македонци дома и во странство, како и од иматели на странски картички изнесува 42.626,6 милиони денари или 693,1 милиони евра, што преставува пораст од 30% во однос на истиот период минатата година кога изнесуваше 533 милиони евра. Најголем апсолутен дел од растот и понатаму го носат домашните картички користени за купување од домашни е-трговци, каде вредноста на трансакциите порасна од 286,9 на 338,5 милиони евра, односно за 18%. Сепак, најдинамичен раст се забележува кај вредноста која Македонците со своите картички ја направиле кон странски е-трговци во износ од 19.461,2 милиони денари или 316,4 милиони евра што преставува пораст од 45% во однос на истиот период минатата година. Иако во апсолутен износ вредноста на трансакциите со странски картички кај домашни е-трговци е мала, позитивен сигнал за македонската економија е растот од 38%, што ја зголемува вредноста од 27,7 на 38,2 милиони евра.

Број на реализирани онлајн трансакции
Покрај растот на вредноста, е-трговијата бележи и значително зголемување на бројот на онлајн трансакции, кој во периодот Q1–Q3 2025 достигна 21 милион, што е 30,2% повеќе споредено со истиот период во 2024 година. Најизразен пораст повторно се забележува кај домашните картички кон странски е-трговци, со раст од дури 63,2%, што укажува на зголемена фреквенција на онлајн купувања, најчесто со пониска поединечна вредност. Бројот на трансакции кај домашните е-трговци исто така расте, но со поумерено темпо односно остварени се 10,6 милиони трансакции што преставува пораст од 10,4% во однос на истиот период минатат година.

„Податоците за првите девет месеци од 2025 година покажуваат силно забрзување на е-трговијата и тоа не само со направени онлајн нарачки туку и платени со платежни картички односно остварен раст од 30% на вкупната вредност на онлајн трансакциите во однос на истиот период лани. Особено изразен е порастот кај трансакциите со домашни картички кон странски е-трговци, каде вредноста е зголемена за 45%, а бројот на трансакции за над 63%. Ефектот на Тему кој има илјадници нарачки дневно се отсликува во овие податоци целосно со оглед дека единствениот начин на плаќање кој до сега се нудеше на платформата беше со платежна картичка и охрабри многу граѓани потикнати од широката понуда, ниските цени и бесплатната достава за првпат да направат онлајн купување со платежни картички. Неодамнешната одлука на Temu да воведе и кеш на достава претставува прилагодување кон локалните навики, но воедно отвора прашање дали овој чекор ќе го забави позитивниот тренд на дигитални плаќања.“- изјави Претседателката на АЕТМ, д-р. Нина Ангеловска Станков.
Просечна вредност на трансакција
Нерамномерниот пораст на вкупната вредност и бројот на онлајн трансакциите јасно се рефлектира и во просечниот износ по трансакција. Имено просечната вредност остварена за купување со македонски картички од странски е-трговци се намалила за 11,3% и изнесува 34,6 евра, додека кон домашните е-трговци се зголемила за 7% и изнесува 32 евра, а со тоа на вкупното ниво просечната вредност останува иста односно 33 евра.

Нови отворени е-продавници
Во текот на првите 9 месеци од 2025 година, регистрирани се 175 новоотворени онлајн продажни места, што претставува значаен показател за зголемена понуда и заинтересираност на бизнисите да влезат во е-просторот и да започнат со онлајн продажба.
Во рамки на својата мисија за унапредување на е-трговијата, Асоцијацијата за е-трговија не само редовно што ги анализира податоците од Народната банка на Република Македонија како и други достапни секундарни извори, дополнети со сопствени примарни истражувања. Токму во таа насока, Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТСМ) ја подготвува и годишната анализа на е-трговијата во регионот, насловена „Преглед на е-трговијата во Западен Балкан 2025“. Ова седмо издание на анализата на АЕТМ, а воедно и второ објавено на англиски јазик, ја проширува својата перспектива надвор од Македонија и ги опфаќа пазарите на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Србија и Македонија, обезбедувајќи регионален увид во состојбите и трендовите во е-трговијата. Анализата беше презентирана на 8-та регионална конференција за е-трговија која воедно е препознаена како најголем регионален настан во областа на е-трговијата и претставува клучна платформа за споделување знаење, следење на најновите трендови и вмрежување на компании, институции и професионалци од целиот регион. Повеќе информации за анализата се достапни овде: https://ecommerce.mk/analizi-i-izveshtai/.












































