Користењето на BitLocker функцијата во Windows е препорачлива и истата овозможува доста подобра заштита на сите податоци кои корисникот ги има на дискот. BitLocker во основа е името на функцијата на Windows која го шифрира дискот и со тоа овозможува само корисникот да има пристап до него. 

Ова е одлично во случај компјутерот да биде изгубен или украден, па корисниците можат да бидат сигурни дека нивните податоци се безбедни. 

Сепак, BitLocker не овозможува 100% заштита за сите корисници, односно оваа функција доаѓа со една мала маана. 

Microsoft овозможува корисниците да изберат каде ги чуваат клучевите за отклучување на BitLocker во случај дискот да биде заклучен, а тоа се случува доколку е заборавена лозинката или доколку се прави одредена промена на хардверот. 

Доколку овие клучеви се чуваат на Microsoft сметката од корисникот, тогаш до истите пристап имаат и од компанијата. Во случај да добијат соодветен судски налог, тогаш Microsoft ќе ги предаде клучевите со што дискот ќе може да се дешифрира и да се добие пристап до податоците. 

За ваков случај пишуваат од Forbes, во кој Microsoft ги има предадено клучевите по добиен судски налог од ФБИ. 

Критиките кон Microsoft се дека од компанијата, за разлика од другите, клучевите на нивните сервери не ги чуваат во од-крај-до-крај шифрирана форма, па поради тоа тие имаат пристап до нив. 

Судските налози секако мора да се почитуваат, па поради тоа некои компании се одлучуваат да не можат да пристапат до податоците од корисниците, иако тоа не е баш така црно бело. 

Најбезбедниот избор за корисниците е да ги симнат клучевите од BitLocker и да ги чуваат на безбеден простор по нивни избор, наместо кај Microsoft. 

Сепак, ова не ги засега многу обичните корисници поради фактот што BitLocker е тука да обезбеди заштита на податоците од крадење од трети страни и слично, но фактот што Microsoft ако сака би можеле да имаат пристап до шифрираните податоци на корисниците, не е баш најдобро.