Microsoft го презентира нивниот нов домен, cloud.microsoft, којшто ќе го користи како еден домен за сите нивните сервиси и апликации, за почеток од Microsoft 365 пакетот, порано наречен Office.
Како пример како ќе изгледаат домените на сервисите во иднина е, teams.cloud.microsoft, а ова важи за било која од апликациите. Иако овој домен е додаден во листата на компанијата, ќе помине одредено време додека се направи целата миграција.
Microsoft истакнува неколку предности со воведувањето на овој унифициран домен за повеќето од нивните сервиси. Пред се, корисниците веќе нема да треба да ги бараат различните адреси кои сега ги имаат различните сервиси, а со тоа ќе се намалат и бројот на најави за да може да се користат овие сервиси. Ова ќе го намали и времето потребно да се префрли корисникот од една на друга апликација.
Додатно, безбедноста на корисниците ќе биде зголемена поради користењето на еден јасно препознатлив домен, каков што е .microsoft. Microsoft е единствениот кој има право да го користи, а тие како компанија во исто време се и регистар за домени, па можноста за „имитирање“ на доменот е нешто што е скоро невозможно, односно многу тешко да се направи.

Корисниците се што треба да проверат е дали страната што ја отвораат завршува на .microsoft, за да бидат сигурни дека не отвораат лажна страна која се обидува да ги украде нивните информации.
Додатно, предност добиваат и администраторите во компаниите кои сега ќе треба да менаџираат многу помала листа на дозволени домени во компанијата. Иако новиот домен се’ уште не се користи, тој е официјално додаден во листата на Office 365 адреси и IP адреси, па администраторите можат уште сега да ги наместат дозволите.
Од Microsoft истакнуваат дека миграцијата на сервисите нема да се случи баш брзо, најбрза би била за новите сервиси, а за останатите ќе се оди постепено. Кога ќе почне миграцијата, корисниците не треба да направат ништо, односно автоматски ќе бидат пренасочени кон новиот домен.