Минатата недела можевме да ги видиме првите неофицијални „рендери“ од Samsung Galaxy Note 10, преку видео објавено до страна на познатиот „OnLeaks“. Фактот што OnLeaks е тој којшто ги објави, заедно со исто така познатите 91Mobiles, им даде тежина на овие слики, па со голема сигурност може да се очекува дека се точен показател за што е тоа што можеме да го очекуваме овој август.
Оваа недела OnLeaks повторно излегува со нови рендери, овој пат од, да истакнеме сепак, наводно, Galaxy Note 10 Pro. Не е првпат да прочитаме дека оваа година Samsung ќе претстави две варијанти од Note 10 серијата, кои најверојатно ќе имаат и уште две со 5G.

Note 10 Pro ќе биде поголемиот телефон од двата, којшто ќе им даде избор на корисниците кои сакаат уште поголем телефон од тоа што досега го нудеше Note серијата. Наместо 6,4 инчен екран, којшто го имаше ланскиот Note 9, а најверојатно ќе го има и годинешниот „обичен“ Note 10, Note 10 Pro ќе дојде со 6,75 инчен екран.
Резолуцијата на екраните ќе остане иста, односно се најавува дека таа ќе биде 2K. Исто така, не треба да се очекува некое драстично зголемување на димензиите поради доста помалите рамки околу екранот кој како и кај S10 серијата, ќе има предна камера сместена во една мала дупка, но кај Note 10 серијата, на средината од екранот, а не на десната страна.
Од сликите исто така може да се види и дека Note 10 Pro ќе дојде со 4 камери на задната страна, односно плус една во споредба со обичниот модел, камера која ќе може да ја проценува длабочината на сликата.
Димензиите кои се најавуваат за двата модели изнесуваат 162.3 x 77.4 x 7.9 милиметри кај Note 10 Pro моделот и 151 x 72 x 7.9 милиметри кај Note 10, а еве како тие изгледаат еден до друг на неофицијалната слика во продолжение.
