Корисниците на Mac веќе одамна ја имаат iPhoto апликацијата од Apple за организирање, прегледување и слично на нивните слики. Заедно со оваа апликација обично се истакнува и Aperture кој што е наменета за нешто понапредно менување и средување на сликите.
Повеќето забелешки одат во правец дека овие апликации, а посебно iPhoto се веќе стари и дека не работат како што би се очекувало. Тие се полни со непотребни работи, а нивната работа е прилично бавна. Без разлика за корисничкото искуство кое што го имаат индивидуалните корисници, сепак факт е дека се работи за постари апликации, во нов и редизајниран оперативен систем.
Од Apple најавија дека ќе претстават ново решение кое што ќе ги замени овие две апликации, па резултат на тоа е најавата на нова Photos апликација. Истата стана достапна за програмерите, а најавена е јавна бета верзија и официјално пуштање некаде во оваа пролет.
Новата апликација е направена целосно од почеток и е развиена конкретно за најновата верзија од OS X, Yosemite. Тоа значи дека уште на почеток може да се забележи новиот многу поедноставен дизајн кој што ги следи новите правила кои што вклучуваат рамни површини, добро истакнати бои, како и проѕирни ленти на дел од апликацијата.
Она што се истакнува како најважно кај новата Photos апликација е нејзината интегрираност со iCloud. Секоја слика која што ќе биде сликана со некој од iOS уредите, за кратко време ќе биде синхронизирана и прикажана во листата на Photos апликацијата.
Photos е поделена во неколку секции, односно делови, што овозможува прегледување на сите слики по хронолошки редослед, прегледување на споделените слики, албуми, како и сликите кои што може да се отпечатат преку сервисите на Apple.
Апликацијата исто така вклучува и основен едитор на сликите преку кој што корисниците ќе можат да направат одредени исправки на сликите со цел да изгледаат подобро. Како и кај повеќето вакви апликации, достапна е и можноста за автоматско прилагодување на сликите со еден клик.
Фото: Engadget.com