Програмите кои што се инсталираат на компјутерите оставаат одредени остатоци во локацијата на инсталација, како и во регистарот и по нивното бришење, односно деинсталирање. Иако поновите верзии од Windows не се толку подложни на „последици“ од ваквата ситуација, сепак не ретко се случува намалување на перформансите на компјутерот по инсталирање и деинсталирање на повеќе програми.
Обидот за бришење на одредени остатоци често знае да доведе и до потреба од повторно инсталирање на оперативниот систем, па затоа се препорачува користење на софтвер наменет специјално за деинсталирање на програмите.
Еден од постарите и познати вакви софтверски решенија е Ashampoo Uninstaller од истоимената компанија. Истиот е стигнат до 6та верзија која што може да се купи по цена од 60 долари од официјалната страна.
Од минатиот месец, претходната верзија од програмата стана достапна на корисниците бесплатно. Со следење на кратка процедура која што вклучува регистрирање на веб страната од софтверот, се добива лиценцата по е-пошта, по што се отклучуваат сите достапни функции на програмата.
Програмата можете да ја симнете преку официјалната страна преку следниот линк.
Начинот на кој што функционираат ваквите програми е преку скенирање на дискот, вклучувајќи го и регистарот за остатоци поврзани со програмата која што се деинсталира. Истите се бришат со еден клик, по што компјутерот треба да остане без остатоците кои што може да се насоберат после одреден период.
Предноста на платените верзии од ваквите програми, а во случајов и со Ashampoo Uninstaller, е што нудат и дополнителни функции за подобро бришење на остатоците. Тие вклучуваат мониторирање на системот или само на една инсталација, по што се забележуваат сите направени промени од страна на програмата. Тоа овозможува попрецизно бришење на остатоците, односно многу мали шанси за останување на истите.
Ashampoo Uninstaller 5 покрај можноста за деинсталирање на програмите нуди и дополнителни алатки кои што треба да ја подобрат работата на компјутерот. Тие вклучуваат алатка за дефрагментирање на дискот, скенер за регистарот и слично.