Microsoft Lync е бизнис алатка во основа наменета за инстантни пораки која работи преку посебен софтвер Lync Server или онлајн преку Office 365. Наменет е за бизнис корисниците како решение за комуникацијата во компанијата кое вклучува подобра безбедност, можност за размена на фајлови, поврзување со други сервиси, следење на работата на исти документи, енкрипција на комуникацијата, SIP сервис за телефонија и слично. Безбедноста на сервисот се темели на користењето на софтверското решение на хардверот на клиентот со што се овозможува целосно локално решение контролирано од страна на ИТ секторот на компанијата.
Денеска од Microsoft најавија дека наредната верзија од Lync која што ќе биде претставена во првата половина од идната година, ќе биде наречена Skype For Business. Карактеристиките и функциите на сервисот ќе бидат и понатаму задржани, односно се работи во основа за ребрендирање кое што вклучува и одредена подобра интеграција со Skype сервисот. Тоа значи дека корисниците на Lync кои што и сега имаат можност да разговараат со Skype корисниците, од идната година ќе ги имаат сите можности на овој сервис, односно правење на видео повици и слично. Исто така од Microsoft нагласуваат дека некои од функциите ќе бидат подобрени во наредната верзија од сервисот, односно Skype for Business.
Lync Server 2013 исто така ќе биде променет во Skype for Business Server, но корисниците нема да има потреба да инсталираат нов или посебен хардвер, односно ќе треба само да го надградат софтверското решение. Корисниците на Lync преку Office 365 нема да треба да направат ништо, односно надградбата ќе биде автоматски направена од страна на Microsoft.
Извор: Skype Blog, Windows Central, VB