Најновата верзија на Skype ќе почне да ја крие IP адресата од којашто се поврзани корисниците. Ова е нешто што сигурно би очекувале да е стандардна карактеристика на сервисот, меѓутоа како што беше откриено пред одредено време, тоа не бил случајот.
Конкретно, уште во 2012 била откриена грешка во софтверот којашто има направено да е прилично лесно возможно да се открие IP адресата на корисникот, користејќи го само неговото корисничко име.
Иако нема информации за проблеми настанати од оваа грешка, сепак можеби најмногу погодени биле, како што и истакнуваат од Skype блогот, гејмерите. Тие знаејќи за грешката многу често знаеле да направат DDoS напад на IP адресата на конкурентен играч и со тоа да го оневозможат да продолжи да ја игра играта. Интересна тактика како и да е.
Со најновата верзија од Skype којашто ќе почне да станува достапна за корисниците на сите платформи во периодот што следи, IP адресата веќе нема да може да биде дознаена, барем не на вака едноставен начин.
Од Skype препорачуваат сите корисниците да ја ажурираат својата верзија од апликацијата, а тоа е секогаш препорачливо за добивање на најновите исправки на багови и подобрувања на перформансите.