Сите знаеме за Playstation на Sony и треската по него во светски рамки. Сепак, дали имате чуено за Project Morpheus? Се работи за напреден концепт за виртуелна реалност кој го развива Sony и за кој пишувавме пред некое време.
Претседателот на Sony Worldwide Studios верува дека патот кон развивањето на напредна виртуелна реалност е преку игрите. Според него, „Ние мораме да ги убедиме сопствениците на PS4 да потрошат неколку стотици долари да купат Morpheus уред (headset; заб.). … Тоа што ќе ги убеди е повеќе содржина за играње. Моментално имаме повеќе од 30 игри кои ги следиме – не сите ќе бидат готови при лансирањето (на Morpheus; заб.), но постојат сериозни напори за сите нив“.
Инаку, Project Morpheus е проект кој има за цел да развие напредна виртуелна реалност преку следење на целосни телесни движења и сервирање на суперреалистична околина и случување. Во технолошкото демо кое го презентираа, се гледа играчко НФ сценарио на измислена планета.
Поучени од негативните искуства со Oculus Rift при брзи движења (по што од Oculus почнаа да препорачуваат максимална брзина на движење од 1,8 метра во секунда во виртуелниот свет) што предизвикува мачнина поради несинхронизираност на виртуелниот свет и физикусот на корисникот, од Sony одлучиле да развијат сценарио на непозната планета (каде не може да се проценат добро далечините) и со научнофантастично сценарио.
Дополнително, имајќи предвид дека PS4 има многу слична архитектура како стандарден компјутер, доста лесно ќе биде за развивачите на игри да ги прилагодат за уредот од Project Morpheus. Особено ако некои од игрите веќе биле прилагодени за Oculus Rift или HTV Vivo и слични.
Тоа што е уште поинтересно е што заедно со уредот за глава ќе има и уред за раце кој ќе глуми оружје и со кој ќе може да се симулира вистинско движење на оружје во виртуелниот свет. Ако нишаните низ него, тоа ќе се прикаже на екранот. Ако го мрдате лево-десно оружјето, така ќе се мрда и во виртуелниот свет, без разлика каде сте вие свртени.
Sony, сепак, не го развива Morpheus само за пуцачини од лична перспектива (FPS; first-person shooters) туку за целиот дијапазон на игри – загатки, сложувалки, за отпуштање, откривање во виртуелни светови, мрежни игри со повеќе учесници, игри каде можете да играте други игри во нив… можностите се неограничени.
Останува да видиме до каде ќе стигнат Sony со развивањето на Project Morpheus и дали ќе ја доведе револуцијата во ВР играњето која ја ветува.