Најновиот дел од заживеаниот серијал „Лудиот Макс“, според мене е еден од најдобрите, и највозбудливите НФ филмови во последниве неколку години. Fury Road е режиран од Џорџ Милер, кој исто така ги режираше првите три филмови, од кои последниот дури во 1985 година (колку е зачудувачки што Fury Road воопшто е снимен на овој начин, прочитајте во овој напис). Гледајќи го филмот, бев поттикнат да забуричкам во мојата меморија и да се присетам на неколку НФ филмови кои ми оставиле посебен впечаток, а кои не се „блокбастери“.

Зборувам за оние филмови кои не очекувате да ве воодушеват, но откако ќе ги погледнете, се прашувате зошто ова „mindblowing“ ремек дело дотогаш не се нашло на вашата плејлиста. Ова се моите избори кои одговараат на претходниот опис. Ве предизвикувам да погледнете еден од овие филмови во наредната недела. Доколку истиот ве остави рамнодушни, моето најдлабоко извинување за тоа што потрошивте два часа од вашето време (иако сум сигурен дека нема така да се чувствувате). Ако имате подобри предлози, слободно споделете ги, со задоволство ќе ги погледнам.

Dark City

Една година пред Матрикс да не мотивира да пробуваме натчовечки физички потези пред нашите другари, се појави Dark City. Без да откријам клучни моменти од заплетот, Dark City е филмско НФ ремек дело: бесконечно имагинативен, интелигентен, изненадувачки, и визуелно привлечен. Слично на Матрикс, и DC се занимава со лажни реалности, и луѓе кои се дрзнуваат да ѕирнат позади превезот на овие реалности. Главната разлика меѓу двата филма е што овој вториот помина прилично лошо на кино благајните, и не успеа да се наметне во мејнстримот како што тоа фантастично успеа да го стори Матрикс. Сепак, Dark City со текот на времето се проби во свесноста на страсните љубители на НФ, и се наметна како култен класик за кој ќе се зборува со години во иднината. Си должите на себеси да го гледате.

Gattaca

Гатака комбинира теми како меѓупланетарно патување, биоинженеринг, и слободна волја, отсликувајќи иднина во која улогата на граѓаните во едно општество се утврдува преку анализа на нивната ДНК. Идните родители можат да го одберат полот на своето дете, бојата на неговите очи и коса, дури и неговиот IQ коефициент. Винсент Фримен (Итан Хок) е роден на „старомодниот“ начин, и е спречен да го оствари својот животен сон токму заради неговата генетска инфериорност (во филмот ваквите луѓе се наречени “In-Valids”).  Од овие причини тој е приморан да преземе неконвенционални методи за да стигне до својата цел. Гатака ги кани гледачите да го замислат потенцијалот на иднината во која се е преодредено, и можните последици кон општеството предизвикани од оваа иднина. Иднина која тие ќе ја обликуваат, почнувајќи од нивните деца. Обрнете внимание и на фантастичниот, и емоционален саундтрак на Michael Nyman.

Primer

Ќе бидам искрен, откако го гледав овој филм за прв пат, бев тотално збунет и морав да го погледнам уште еднаш за да ги фатам клучните моменти што доведоа до расплетот. Откако го направив тоа, ми стана кристално јасно како филм со буџет од неколку илјади долари, на крајот оствари милиони. Филмот ќе ги задоволи и хардкор љубителите на добра НФ, но и тие што едноставно сакаат добра приказна која ќе им го „поремети“ мозокот. Намерно не го прикачив трејлерот во продолжение. Само стиснете плеј, и уживајте. Ремек дело.

Snowpiercer

Во не толку далечната иднина, човештвото започнува експеримент со цел да го спречи разорниот ефект кој глобалното затоплување го има врз планетата земја. Експериментот не само што не ја остварува својата цел, туку предизвикува ледено доба која доведува до истребување на сите живи нешта. Последните жители на планетата земја се наоѓаат во технолошки напреден воз кој е имун на катастрофалните временски услови, и е способен без прекин да вози низ земјината топка. Проблемот е што помеѓу населението кое се наоѓа во возот владее страшна класна поделба, а незадоволството на луѓето кои се на дното на синџирот на ова мини „општество“ е пред кулминација. Филмот без двоумење го вбројувам помеѓу најдобрите во 2014 година. Штета што луѓето го откриваат по потешкиот пат (јас случајно налетав на него, читајќи за нешто сосема неповрзано), поради проблемите со неговата дистрибуција кои ги предизвикаа Weinstein и компанија.

Predestination

Дваесет години откако се појави во Гатака, Итан Хок повторно ја толкува главната улога во НФ филм (базиран на кратката приказна All You Zombies од Robert Heinlein). И повторно филмот се покажува како полн погодок. Во време во кое публиката не може толку лесно да биде насамарена (филмови како Матрикс и Шесто Сетило денес не би имале толку изненадувачки ефект), Predestination успева да си поигра со нашите мозоци со тема која е меѓу најтешките за филмска обработка: Патување низ времето. Резултатот е освежувачки инвентивна, и одлично одглумена приказна која нема да ве остави рамнодушни.

Напомена: Некој ден пред да го објавам текстов, го изгледав Ex Machina. Се двоумев дали да го ставам на листата од причина што многу од вас веројатно веќе планираат наскоро да го гледаат. Ако е така, тогаш можам само да ви порачам да го гледате што поскоро. Не само што е еден од најдобрите НФ филмови во последнава декада, Machina уште отсега ми е еден од поомилените филмови снимени во последниве неколку години.

Претходна статијаДокажано е постоењето на плазма цевки кои лебдат над Земјата
Следна статија„Неоком“ прослави успешна 25-годишна приказна