Фото: Apple

Apple ја освежи својата линија на најпопуларни лаптопи со претставување на новиот MacBook Air, кој сега е придвижуван од најновата генерација на процесорот од компанијата, M5. 

Иако надворешниот дизајн останува идентичен со претходникот, клучните промени се наоѓаат кај новиот чип и подобрената конфигурација на меморијата, со што се поставуваат нови стандарди за влезните модели во серијата.

Најзначајната промена за корисниците е одлуката на Apple повторно да го зголеми почетниот капацитет на просторот за податоци. Новиот MacBook Air сега доаѓа со минимум 512GB SSD меморија, што е двојно повеќе од досегашните 256GB кај основниот модел. Покрај поголемиот капацитет, новите SSD дискови се и побрзи, нудејќи подобри перформанси при читање и запишување на податоците во споредба со претходната генерација. За корисниците на кои им е потребен повеќе простор, лаптопот за првпат може да се конфигурира со до 4TB меморија.

Самиот M5 чип е изработен со фокус на вештачката интелигенција и ефикасноста. Процесорот располага со 10-јадрен CPU и до 10-јадрен GPU, но главниот новитет е вградувањето на „неврални забрзувачи“ во секое јадро. Според податоците од компанијата, ова овозможува до четири пати побрзи ВИ перформанси во однос на претходникот, што е важно за локалното извршување на функциите на Apple Intelligence, но и другите јазични модели. 

Графичкиот процесор исто така е унапреден со трета генерација на ray-tracing поддршка за подобри резултати во графичките апликации и игрите.

На полето на поврзувањето, MacBook Air со M5 го користи новиот N1 безжичен чип, кој воведува поддршка за Wi-Fi 7 и Bluetooth 6. Ова треба да овозможи постабилна и побрза врска со поновите уреди и мрежи. 

Екранот останува Liquid Retina со осветленост од 500 нити, а вградена е и 12MP Center Stage камера за видео повици. Автономијата на батеријата останува до 18 часа со едно полнење. 

Новиот MacBook Air е достапен во верзии од 13 и 15 инчи, а официјалната најава на лаптопот можете да ја видите тука.