Фото: Apple

Компанијата Apple денеска официјално го најави MacBook Neo, нов модел на преносен компјутер кој претставува најпристапен уред во нивното портфолио. Уредот е дизајниран како основен модел, позициониран под серијата MacBook Air, и е примарно наменет за студенти, образовни институции и корисници кои имаат основни потреби за секојдневно користење.

MacBook Neo, чие име дури денес се дозна, е неофицијално најавуван со месеци, па повторно се докажа дека ваквите информации скоро никогаш не грешат. 

За разлика од останатите MacBook компјутери на компанијата кои се базираат на архитектурата од M-серијата, MacBook Neo работи со чипот A18 Pro. Станува збор за истиот процесор кој се користи во поновите генерации на iPhone, иако не баш најновите.

Овој потег претставува отстапување од досегашната стратегија на Apple за Mac компјутерите, но директно овозможува намалување на крајната цена на уредот. 

Процесорот нуди перформанси кои се доволни за стандардни задачи и располага со интегрирани можности за процесирање на вештачка интелигенција преку самиот уред. Системот е дизајниран без вентилатори за ладење, што резултира со целосно тивка работа, додека батеријата според Apple обезбедува автономија до 16 часа.

Фото: Apple

Уредот е изработен со алуминиумско куќиште и ќе биде достапен во четири различни бои: Blush, Indigo, Silver и Citrus. Опремен е со 13-инчен Liquid Retina екран, кој не поддржува P3 широк спектар на бои, ниту ProMotion технологија за висока стапка на освежување, што е очекуван компромис со оглед на ценовната класа.

Екранот има резолуција од 2408 на 1506 пиксели и 500 „нити“ светлина. 

Во сегментот на поврзување и мултимедија, MacBook Neo ги вклучува стандардните опции. Присутни се две USB-C порти, приклучок за полнење MagSafe, како и 3,5-милиметарски приклучок за слушалки. Лаптопот е опремен со FaceTime HD камера со резолуција од 1080p, два микрофона и систем на звучници кои поддржуваат просторно аудио (Spatial Audio). 

Дополнително, уредот располага со поддршка за Wi-Fi 6e стандард за безжично поврзување, како и стандардна Magic Keyboard тастатура и Multi-Touch „трекпад“.