Заврши „Let Loose“ настанот на Apple и како што се очекуваше, на него беа претставени нови iPad модели, како и нова Magic Keyboard и целосно ново Apple Pencil Pro.

Главното внимание од настанот оди кон новата iPad Pro генерација која ги донесува сите претходно неофицијално најавени новини.

За почеток, остануваат двата модели, 11 инчен iPad Pro и 13 инчен iPad Pro. Двата модели се редизајнирани, па тие сега се доста тенки со 5,3 mm кај 11 инчниот модел и 5,1 mm кај 13 инчниот iPad Pro. Малото зголемување на големината на екраните е резултат на намалувањето на рамката околу, со што се задржуваат димензиите, односно уредите не се физички поголеми.

Apple истакна дека овие уреди се најтенките уреди досега кои ги имаат направено.

Како што се очекуваше, предната камера сега е поставена од страна, односно е наместена да пред се’ се користи во пејзаж позиција, што е доста подобро за корисниците кои прават видео повици.  

Малата дебелина на новата iPad Pro е овозможена од новата технологија за екранот која се користи, а исто така се најавуваше неофицијално. iPad Pro конечно доаѓа со OLED екрани, а овој пат нема да има разлика помеѓу двата модели.

Apple новите екрани ги нарекува Ultra Retina XDR, а доаѓаат со двоен OLED панел, односно tandem OLED. Ова е направено со цел да се овозможи доста посилна светлина од таа која обично е карактеристична за OLED панелите, па кориснците не само што ќе добијат одличен контраст, односно реални црни бои, може да очекуваат и одлични бои и светлина.

Tandem OLED панелот ќе може да функционира благодарение на новиот чип кој доаѓа со iPad Pro, а како што се најавуваше, Apple ќе го прескокне М3 чипот, па кај новите iPad Pro уреди ќе го вгради М4 чипот, кој е и за првпат претставен на овој настан.

Со М4 се гледа и значењето кое Apple ќе го даде оваа година на вештачката интелигенција која ќе функционира во голем дел локално, овозможувајќи повеќе приватно користење за разлика од конкурентите.

Сепак од компанијата не дадоа повеќе информации на оваа тема, па ќе мора да ја причекаме WWDC 2024 конференцијата која ќе се одржи за скоро еден месец.

Со новите iPad Pro Apple најави и целосно нови верзии од нивните Final Cut и Logic Pro, а тука е и новата Final Cut Camera која овозможува поврзување на неколку iPhone камери при снимање.

М4 чипот доаѓа со 10 јадрен процесор, како и 10 јадрен графички процесор. Направен е во втората генерација од 3nm процес од TSMC, а Apple овој пат не даде многу споредби, а посебно со ланскиот М3. Со него iPad за првпат добива „hardware accelarated ray tracing и mesh shading“.

Како што се најавуваше, Apple претстави и нова тастатура за iPad Pro линијата, која е потенка, како и ново Apple Pencil Pro пенкалце со нови можности како сензор за стискање на пенкалото и прикажување на ново мени, жироскоп за детектирање на вртењето на пенкалото и слично.

ИЗВОРApple
Претходна статијаApple денеска ќе претстави нови iPad модели
Следна статијаiPad Air доби уште една големина заедно со М2 чипот
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.