Фото: Shutterstock.com

Воопшто не се сомневав дека Марк Гурман ќе испадне во право, па неговите најави за соработка помеѓу Apple и Google за новата и понапредна верзија од Siri, сега се официјално потврдени. 

Apple официјално ќе ги користи јазичните модели Gemini за развој на сопствените модели, како и технологијата за сервери од Google. 

Информацијата ја потврдуваат од Apple за CNBC, со изјавата: 

„По внимателна евалуација, утврдивме дека технологијата на Google ја обезбедува најспособната основа за моделите Apple Foundation и возбудени сме поради иновативните нови искуства што таа ќе ги овозможи за нашите корисници.“

Потврда доаѓа и од страна на Google, преку нивниот News from Google профил на X, каде што истакнуваат дека се работи за повеќегодишна соработка која ќе стои зад функциите на Apple Intelligence и новата верзија од Siri. 

Полека станува јасно дека Apple имаат донесено одлука да голем дел од Apple Intelligence функционира со помош на Gemini, најверојатно со посебно развиени верзии од јазичните модели, наместо само на нивните модели наречени Apple Foundation.

Од најавата не е познато дали остануваат плановите јазичните модели да функционираат преку приватните сервери од Apple или сепак одредени барања ќе се извршуваат и преку серверите на Google. Исто така, дали Apple ќе продолжи да работи на сопствените модели или тие сега целосно ќе бидат направени на основа на Gemini.

Најверојатно не треба да очекуваме многу додатни информации до пролет, кога би требало да го видиме резултатот на оваа нова соработка на двете компании кои веќе одамна соработуваат за Google Search. 

Новата верзија од Siri се очекува да биде пуштена оваа пролет, со претставувањето на iOS 26.4 и другите системи од Apple.