Apple Vision Pro, првиот уред за проширена реалност од компанијата, ја доби и официјално датата на достапност. Како што беше најавено и се очекуваше, Vision Pro требаше да почне да се продава од почетокот на оваа година, па датата на достапност е 2 февруари.
Овој уред, кој од компанијата не го нарекуваат уред за проширена реалност, туку „просторен компјутер“, ќе им биде достапен само на корисниците во САД, а тие ќе можат да почнат со преднарачки од 19 јануари.
Vision Pro е првиот нов уред од Apple после повеќе години, а се очекува дека ќе биде популарен како и повеќето други производи кои ги претставуваат од компанијата. Иако ова не важи до толку за првата верзија, наредните верзии се очекува дека ќе биде подобри и поевтини.
Главната маана на првата верзија од Vision Pro е батеријата која е поставена посебно, односно не е вградена во самиот уред, па корисниците треба да очекуваат дека ќе функционираат со кабел кој оди до батеријата.
Што се однесува до другите карактеристики, Vision Pro има потенцијал да направи мала револуција во начинот на којшто корисниците работат, но и ја гледаат нивната секојдневна содржина, како на пример читање, а посебно видео и слики.

Идејата зад ваквите уреди е да на корисниците им се овозможи скоро неограничен простор, односно без ограничување од големината на нивниот екран, каде што тие ќе можат да ги постават своите апликации.
Апликациите веќе се најавува дека се достапни во бројка од 1 милион, а се очекува со тек на време истата да се зголеми.
Контролата на Vision Pro се прави преку очите, рацете и гласовно, а Apple даваат посебно значење на овој дел од уредот кој е направен да сепак се издвои од конкуренцијата која не е во голем број.
Двата екрани кои се поставени на Vision Pro се направени со micro OLED технологија и висока резолуција, што значи дека корисниците можат да очекуваат најдобар квалитет кој може да се понуди сега.
Ќе биде интересно да видиме каква ќе биде популарноста на Apple Vision Pro, а посебно дали ќе направи голема разлика во начинот на кој работиме, гледаме видео содржина, слики и слично.
Инаку, Apple го претстави Vision Pro во јуни минатата година во рамките на нивната WWDC конференција, а уредот работи на VisionOS, посебно развиен оперативен систем, кој секако има основа од другите системи од компанијата.