Anthropic оваа недела го претстави Claude Dispatch, нов додаток на Cowork платформата кој го менува начинот на кој корисниците комуницираат со вештачката интелигенција. Наместо да седите пред компјутерот и да чекате одговори, сега можете да му испратите задача на Claude од телефонот и да се вратите кога работата е готова.
Идејата зад Dispatch е едноставна, а сепак доста амбициозна. Станува збор за една постојана конверзација помеѓу мобилната апликација на Claude и десктоп апликацијата на вашиот компјутер. Корисникот го отвора Claude на телефонот, му дава инструкции, на пример „направи извештај од документите во мојот Research фолдер” или „организирај ги Downloads по тип и датум”, а Claude на десктопот ги извршува задачите во позадина.
За да работи Dispatch, потребно е компјутерот да биде вклучен, а Claude Desktop апликацијата да биде отворена.
Она што е клучно е дека Claude работи локално на вашиот компјутер. Може да пристапи до локални фајлови, инсталирани „плагини” и поврзани сервиси како Google Drive и Slack, а кодот се извршува во заштитена „sandbox” околина. Anthropic тврди дека комуникацијата помеѓу телефонот и десктопот е целосно шифрирана, а пред да изврши потенцијално „проблематични” акции, како бришење или преместување на датотеки, Claude ќе побара дозвола преку известување на телефонот.
Dispatch всушност е роднина на Remote Control функцијата во Claude Code, но наменет за Cowork корисници кои не се програмери. Разликата е во тоа што Remote Control бара активна Terminal сесија, додека Dispatch работи преку графичкиот интерфејс на Claude Desktop.
Интересен е и контекстот во кој се појави Dispatch. Заедницата веднаш го спореди со OpenClaw, „open-source” агентот на Peter Steinberger кој собра над 320.000 ѕвезди на GitHub за само два месеца и работи со било кој јазичен модел. OpenClaw, меѓутоа, имаше безбедносни проблеми, ранливости на „prompt injection”, крадење конфигурации, па дури и предупредувања од кинескиот CNCERT.
Anthropic очигледно го искористи тој простор за да понуди контролирана и побезбедна алтернатива, иако затворена и платена.
Dispatch моментално е достапен за Max претплатници (100–200 долари месечно), а Anthropic најави дека Pro корисниците (20 долари месечно) ќе добијат пристап во наскоро.










































