По подолго време на чекање, конечно дојде и денот кога Windows компјутерите стануваат сериозна конкуренција на успешната MacBook серија од Apple и нивните ARM чипови.

Овие компјутери исто така се и првите направени целосно со вештачката интелигенција во преден план, нешто што се најавува со месеци веќе.

Овие компјутери ќе носат и посебно име за да можат да се издвојат од останатите, односно компјутерите кои не работат на најновото и најдоброто од Qualcomm, односно Snapdragon X серијата.  

Copilot+ PCs ќе бидат овие нови компјутери кои доаѓаат посебно развиени за вештачката интелигенција и со ARM чиповите од Qualcomm.

Првите Copilot+ PCs се два нови Surface уреди од Microsoft

Microsoft претстави два нови компјутери под Copilot+ PC брендот, а тоа се Surface Pro 11 и Surface Laptop 7. Уште од најавата се гледа дека се работи за одлични уреди, а Microsoft веќе ги споредува со MacBook и истакнува во кои ситуации ги надминува овие компјутери.

Овие уреди доаѓаат со Snapdragon X Elite и Snapdragon X Plus чиповите. Surface Pro 11 донесува 90% побрзи перформанси од Surface Pro 9, а споредбата е намерно направена со овој модел, а не со тој што беше претставен за бизнис корисниците на почетокот од годината и доаѓа со Intel Core Ultra чиповите.

Достапен е избор со OLED екран, а тука е и можноста за додавање на тастатура.

Microsoft прави споредба со новиот iPad Pro M4 од Apple и истакнува дека тој е надминат, а посебно во делот за вештачка интелигенција, но ќе почекаме да видиме што ќе направи Apple кога чипот ќе го вгради во MacBook.

Surface Laptop 7 доаѓа со две големини на екранот, па корисниците можат да изберат помеѓу 13,8 и 15 инчен екран. Овој лаптоп како и досега доаѓа со екран на допир, а ова е нешто за кое Apple веќе одреден период се критикувани.

Microsoft најави дека наскоро може да се очекуваат Copilot+ PCs и од Acer, Asus, Dell, HP, Lenovo и Samsung. Кратко кажано, Apple и нивните MacBook наеднаш ќе добијат доста голема и сериозна конкуренција.

Copilot+ PC компјутерите доаѓаат со нова функција Recall

Recall е нешто што неофицијално се најавуваше, а беше достапно во претходните верзии од Windows, но беше откажано. Сега со помош на вештачката интелигенција Microsoft се обидува уште една да им овозможи на корисниците дел во Windows каде што ќе можат да видат се што правеле на компјутерот во одреден временски период.

За заштита на приватноста, Recall ќе функционира локално од компјутерот, што значи дека корисниците не треба да мислат на тоа дали Microsoft следи се што прават.

Враќањето „назад“ може да се направи за сите апликации, веб страни и слични активности.

Cocreate е нова локална верзија од Image Creator функцијата на веб

Корисниците добиваат нова вградена можност за креирање на слики со внесување на барање до вештачката интелигенција. Cocreate ќе може да се користи за целосно нови слики, но и за измена на постојните, а ќе може да се користи во Photos, Paint и слично.

Познати апликации доаѓаат со свои ARM верзии за новите Copilot+ PCs

Овие компјутери не би биле доволно привлечни и вистинска конкуренција на MacBook доколку некои од најпознатите апликации не станат достапни како изворни за ARM чиповите. Microsoft ја најави достапноста на апликациите од Adobe, а тука се и апликации како DaVinci Resolve Studio, CapCut, Cephable, LiquidText и слични.

Copilot станува посебна апликација на Copilot+ PCs

Како што се очекуваше и најавуваше, Copilot станува целосно посебна апликација, наместо да функционира во форма на лента која се појавува од десната страна на екранот. Апликацијата ќе може да се вклучува исто како и лентата досега, односно достапно е посебно копче, а тука е и новото копче на тастатурите од Microsoft. Од компанијата најавија дека ќе може да се користат најновите јазични модели од OpenAI, како GPT-4o.

ИЗВОРMicrosoft
ИЗВОР 2Microsoft
Претходна статијаGalaxy AI во рацете на 8,8 милиони луѓе: Револуцијата со вештачката интелигенција навистина сега започнува
Следна статијаIntel не планира да остане зад конкуренцијата – најавено претставувањето на „Lunar Lake“ чипот за Copilot+ компјутерите
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.