Фото: Shutterstock.com

Од Meta изгледа сакаат да го зголемат бројот на бизниси кои плаќаат да бидат верификувани преку Meta Verified, па од компанијата започнаа со тестирање на ограничување на бројот на споделени линкови на Facebook. 

Ограничувањето, доколку навистина биде воведено, ќе се однесува на бизнис страните и професионалните профили, односно не се однесува на обичните профили на корисниците. 

Корисниците во САД и ОК, кои се дел од тестот, истакнуваат дека од Facebook биле известени дека тие би можеле да објавуваат до две објави со линк кој носи надвор од мрежата. 

Овој тест е официјално потврден од страна на Meta за порталот TechCrunch, па станува јасно во кој правец планираат да одат од компанијата. 

Покрај желбата да се зголеми бројот на претплатници на Meta Verified, од компанијата исто така повеќе значење даваат на објавите кои ги задржуваат корисниците на нивните мрежи, односно Facebook и Instagram. 

Секоја објава која ги носи корисниците надвор од мрежите, за Meta секако е објава која има помало значење, па од тука и доаѓа трендот кој сигурно го имате забележано на објавите на Facebook чии линкови сега се почесто се поставуваат во коментарите, додека објавата е само со слика и текст. 

Засега не е познато кога би завршил овој тест и кога би биле пуштени новите правила за сите бизниси, како и тоа дали ќе има одредени исклучоци, како што има информација за издавачите, односно страните од медиумите и слично.