Компанијата Kagi, како што истакнуваат, после шест години на развој, конечно ја пушти финалната верзија од нивниот интернет прелистувач Orion за macOS. Orion 1.0 за Mac се приклучува на веќе достапните верзии за iPad и iPhone, а во развојна „alpha“ е верзијата за Linux, за наредните година дена се најавува и Windows верзија.
Тоа што посебно привлекува внимание кај Orion е што не се работи за уште еден Chromium прелистувач, иако разбирливо од компанијата немаат развиено сопствена веб технологија.
Orion е направен на основа на WebKit, технологијата на која порано работеше Google Chrome, а на која сѐ уште работат Safari и уште неколку други апликации од Apple, заедно со уште дополнителни Linux апликации, дел од PlayStation софтверот и слично.
Поради ова, Orion изгледа скоро исто како Safari, доаѓа со слични перформанси, но сепак се работи за целосно преработена и прилагодена верзија.
Една од главните и уникатни функции на Orion е поддршката за додатоци од Safari, Chrome и Firefox, иако засега не е позната точната листа на достапните додатоци.
Од Kagi доста големо внимание насочуваат кон тврдењето дека тие воопшто не собираат информации за корисниците, односно Orion има политика на „zero-telemetry“, но за жал ова засега не е потврдено од независни страни, а и тешко дека ќе биде доколку прелистувачот не привлече доволно корисници.
Во кодот на прелистувачот нема вештачка интелигенција, односно тој не доаѓа со интеграција на ВИ алатките кои се повеќе ги има кај конкурентите, а од компанијата посебно го истакнуваат овој факт.
Покрај не собирањето на податоци од корисниците, Orion доаѓа и со вградени „тракер блокери“, па корисниците ќе можат да изберат ниво на блокирање, како и на реклами.
Според Kagi, потребата за уште еден прелистувач е поради тоа што „нешто основно е изгубено“, а тоа е приватен пристап до интернет без некој да собира информации за корисниците.
„Со прелистувачи финансирани од реклами и функции со вештачка интелигенција, вашата активност е златен рудник. Секој клик станува начин за следење, секоја страница уште една можност да ве профилира малку подлабоко. Веруваме дека треба да постои поинаков пат: прелистувач кој одговара само на својот корисник.“ – истакнуваат од Kagi.
Со оглед дека тврдењето за приватност е доста големо, а прелистувачот бесплатен, се поставува прашањето колку овој модел реално може да биде одржлив. Поради тоа, корисниците имаат можност да донираат, да се претплатат месечно за неколку додатни функции кај прелистувачот и слично.
Покрај прелистувачот Orion, Kagi имаат и сопствен пребарувач, апликација за вести, асистент и преведувач.
Orion од Kagi е достапен за симнување преку App Store на iPadOS и iOS, како и од официјалната страна за macOS.









































