Huawei ја претстави најновата генерација од една од нивните најпопуларни серии, барем кога беа достапни во целиот свет. Mate 60 Pro, иако не е огромна надградба од ланскиот модел, донесува неколку интересни новини.

На прв поглед може да се забележат трите „дупки“ на предната страна во кои се сместени селфи камерата со 13 мегапиксели и два сензори, ласерски и 3D. Со ова телефонот доаѓа со можноста за отклучување преку детална идентификација на лицето, многу побезбеден начин од отклучување врз основа на обична слика.

Оваа можност обично е карактеристична за iPhone, па корисниците на Huawei ќе можат да ја користат на нивните телефони. Интересна е одлуката за поставување на сензорите само во форма на три дупки, наместо цел исечок како што тоа го прави Apple. На овој начин Huawei Mate 60 Pro добива уникатен изглед, а и не можат да бидат „обвинети“ од компанијата за копирање на iPhone стилот.

Не е дадена точна информација за тоа кој чип се користи во телефонот, но затоа познато е дека тој доаѓа со 12GB RAM и избор од 256, 512 GB и 1TB простор за податоци. Батеријата е со капацитет од 5000 mAh и може да се полни со полнач од 88W, односно 50W безжично, а поддржува и полнење на други уреди безжично со 20W.

Екранот на Mate 60 Pro е со големина од 6,82 инчи и е направен во LPTO OLED технологија со стапка на освежување од 1 до 120 херци. Резолуцијата е со 2720 на 1260 пиксели, а екранот е заштитен со Kunlun Glass од компанијата.

Задната страна исто така е специфично направена, со различен материјал во два дела од уредот, кај дел од боите, како и карактеристичниот круг каде се поставени камерите.

Нив ги има три, односно главна камера со 50 мегапиксели со оптичка стабилизација и PDAF фокусирање, како и променлив отвор од f/1.4 до 2/4.0. Втората камера е со ултра широк агол на сликање со 12 мегапиксели, а третата е за зумирање и има 48 мегапиксели.

Засега нема информации за тоа дали и кога може да се очекува достапност на Mate 60 Pro на други пазари покрај кинескиот, но познато е дека дури и да стане достапен, продажбата не би можела да се спореди со времето кога телефоните од Huawei доаѓаа со Google сервисите.

Во Кина телефонот ќе се продава по цена од околу 900 евра.

ИЗВОРGSMArena
ИЗВОР 2Gizmo China
Претходна статијаMeta ја откажа Messenger Lite апликацијата
Следна статијаНовиот Bing сега може да се користи и преку Google Chrome
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.