
Intel оваа недела ја претстави својата единаесетта генерација процесори кои досега се водеа под кодното име Tiger Lake. Се работи за процесори изработени во 10nm технологија, а од компанијата веќе е познато дека имаат проблем со 7nm и истата ја одложија за 2022.
Сепак, од компанијата истакнуваат дека овие процесори се изработени со нов и подобрен SuperFin процес кој им овозможува да имаат подобри перформанси од претходната, десетта генерација, која исто така е изработена во 10nm технологија.
11th Gen Intel Core процесорите се наменети за тенките лаптоп компјутери и од Intel ги промовираат како најдобрите за тенки и лесни лаптопи. Како што би се очекувало, достапни се три варијанти, односно i3, i5 и i7 процесори и истите ја носат ознаката 11x5G7, зависно од моделот и имаат можност за работа до овој пат одлични 4,8 GHz.

Исто така, од минатата генерација, процесорите овозможуваат различен број на „threads“, односно се работи за 4 јадрени процесори со по 8 „threads“, освен еден од i3 моделите.
Тоа што ги прави овие процесори привлечни, покрај подобрувањата во перформансите, е вградената графика која овој пат нема да биде тука само за минимални работи и според Intel графиката ќе биде подобра од 90% од посебните графички картички на пазарот.
Се работи за вградената Intel Iris X графика, а ќе овозможи многу повеќе можности за корисниците кои не сакаат и не им треба посебна картичка.
Новите Intel процесори доаѓаат и со поддршка за Wi-Fi 6, се разбира, за Thunderbolt 4 стандардот, како и за новиот AV1 кодек за видео.
Од Intel најавуваат дека новата генерација од процесорите ќе има до 2,7 пати поголеми перформанси при креирањето на содржина, како видео, 20% подобрување за работа карактеристична за канцелариите, како и 2 пати подобри перформанси за игри и стриминг.
Секако, ќе ги чекаме тестовите кои ќе покажат како навистина се „однесуваат“ новите процесори, а посебно што од Intel најавуваат подобри перформанси од конкурентот AMD кој веќе работи со 7nm технологија, иако според некои тоа не е одлучувачко, туку процесот на производство.
Сите детали за новата генерација на Intel процесори можете да ги погледнете на следниот линк.
Заедно со 11-тата генерација, Intel ја претстави и Intel Evo платформата која подразбира низа од фактори кои треба да бидат задоволени од еден лаптоп за да ја добие потребната „сертификација“.