Фото: Apple

iOS 18 уште пред неколку месеци беше најавена како најголемата надградба на системот досега, па може да се каже дека тоа се покажа како точно. Јасно, една од главните причини за овој заклучок е Apple Intelligence, односно вградувањето на генеративна вештачка интелигенција во системот, но има уште неколку други новини кои дефинитивно се истакнуваат.

Овие новини влегуваат во познатата категорија на функции достапни одамна на Android кои дури сега стануваат достапни за корисниците на iPhone. Без разлика на реакциите од „фановите“ на двете страни, овие новини се одлични и добредојдени.

Како главна новина од овој вид дефинитивно е можноста за поставување на иконите од апликациите на било која позиција. Досега иконите автоматски се редат една до друга почнувајќи од горната страна, па корисниците се што можат е да го изберат редоследот. Ова дополнително прави проблем и при префрлување на иконите, па не секогаш е баш лесно да се наредат како што се сака.

Исто така, скоро секој iPhone изгледа скоро исто поради недостатокот на новата можност, иако тоа до некаде беше променето со воведувањето на „виџети“ пред некоја година.

Сега корисниците ќе можат да ги постават иконите и „виџетите“ на било која позиција, правејќи си свој уникатен главен екран, а со тоа ќе можат и да ги истакнат деловите од позадините кои им се интересни.

Дополнително, иконите добиваат можност за промена на бојата, со избор на светла или темна тема, како и можност за избор на конкретна боја од страна на корисниците.

Уште една новина е доста добредојдена и корисна, а на Android е достапна уште од самиот почеток. Се работи за T9 тастатура кај Phone апликацијата, односно можноста да се впише името на корисникот преку бројките. Ова доста го скратува процесот на вртење кај корисници со кои не се комуницира често, па наместо да се пребаруваат контактите, се што треба е да се впишат првите неколку букви од името.

Messages ја добива можноста за закажување на пораките, односно избор на време и дата кога пораката да биде испратена. Можеби не се работи за многу важна можност, но има неколку ситуации во кои е навистина корисна.

Кога сум кај Messages, Tapback функцијата, односно повеќе позната како реакции на пораките, добива можност да се избере било која икона како реакција, а не само тие кои се поставени од страна на Apple. На ова треба да се додаде и најавена поддршка за RCS со што со Android корисниците ќе може да се комуницира со модерен протокол.

Следната новина е можеби една од најбараните мали новини од страна на корисниците и еден од главните показатели во разликата помеѓу iOS и Android. Двете кратенки на „заклучениот екран“, кои од самиот почеток се фиксно поставени на светилката и камерата, сега ќе може да се променат. Корисниците ќе можат да изберат што сакаат да постават на оваа позиција, па со оваа промена iOS дефинитивно станува доста поотворен систем.

Иако корисниците имаат голем избор на „имејл“ апликации, сепак голем број од нив ја користат таа од Apple. Апликацијата сега добива категоризација на пораките, нешто што Gmail го има одамна, па корисниците ќе можат да ги гледаат пораките во многу подобро организиран систем, наместо сите одеднаш.

За крај, нова функција кај iOS 18 достапна одамна на Android е можноста да се изберат „сокриени“ апликации, односно апликации кои не може да се видат и вклучат без сопственикот на телефонот. Истите се заштитени со Face ID, а ова е одлична функција за ситуациите кога телефонот се дава на други луѓе почесто.

Во продолжение е одлично видео во кое се прикажани дел од новините кои Apple не ги презентираше на WWDC, односно се сметаат како помали, но се доста корисни.

Претходна статијаX „лајковите“ стануваат приватни и достапни само за тој што ја има направено објавата
Следна статијаСе ближи крајот на Mail и Calendar апликациите во Windows
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.