Сите гласини изминатите неколку недели укажуваат на тоа дека Apple планира поголеми промени кај нивните оперативни системи. Една од главните информации беше поврзана со iPadOS 19 и тоа дека системот конечно ќе донесе одредени macOS функции кај доста моќните iPad Pro уреди на кои доста корисници додаваат и тастатура.
Сега информациите стануваат нешто поконкретни и од тоа што е достапно може да се заклучи дека Apple планира да направи дополнително доближување на нивните системи. Ова може да се каже дека веќе беше направено со функцијата Continuity, како и сличниот дизајн на апликациите од компанијата без разлика од уредот.
Наредниот чекор на тоа ќе биде, барем според Majin Bu, додавање на горна лента кај iPadOS 19, како таа на macOS, која ќе се вклучува кога уредот е поврзан со тастатура, како и на поголем монитор.
Ова оди во правец на најавите дека iPad уредите конечно ќе добие macOS функции, нешто што одамна го бараат корисниците, а посебно од кога овие уреди почнаа да ги користат моќните M чипови.
Покрај ова, се најавува и подобрување на веќе достапна Stage Manager функција која кај iPad ја донесе можноста за работа со повеќе прозори од апликациите во исто време, но корисниците ја критикуваат дека не е баш најдобро имплементирана.
Уште една информација е поврзана со iOS 19, а според истата Apple планира да ја унапреди работата на iPhone кога телефонот е поврзан на монитор. Сега поврзувањето со монитор со кабел се што прави е прикажување на екранот, без можност за некои дополнителни придобивки.
iPhone сега ќе добие одредени функции кога е поврзан со монитор кои ќе му овозможат работа до некаде слична како со десктоп компјутер, а во тој правец се најавува достапноста на Stagе Manager.
Оваа функција секако се очекува дека ќе биде доста ограничена на телефоните, но сепак нејзиното донесување ќе претставува доста голема промена од страна на Apple.
Оваа новина веќе е доста позната кај Samsung и нивната DeX функција, а на корисниците им овозможува да ги користат нивните телефони како мали десктоп компјутер. Доста корисна можност за корисниците кога патуваат и слично, па нема потреба да носат лаптоп.