После месеци на шпекулирање и наводно одложување, Apple конечно ја закажа датата кога ќе ги претстави новите верзии од нивните iPad таблет компјутери. Претставувањето ќе биде идната недела, односно 7 мај, а настанот ќе биде еден час порано од обично, во 18:00 часот по македонско време.
Главната новина поради која ова претставување е доста важно е очекувањето дека Apple ќе почне да користи OLED панели кај iPad Pro серијата, а се надевам дека тоа нема да биде случајот само со поголемиот, 12,9 инчен модел.
Покрај ова, се очекува дека iPad Air за првпат ќе добие поголема верзија, односно и овој табле ќе има 12,9 инчна верзија.
Во неговиот неделен билтен, Марк Гурман најавува дека новите iPad Pro модели, покрај OLED екраните, можно е да имаат уште една голема новина, а тоа е се’ уште непретставениот М4 чип.
Овој чип требаше да биде претставен подоцна во годината, стандардно со некој од MacBook компјутерите, но Apple можно е да ја промени стратегијата во главно поради вештачката интелигенција.
M4 чипот се очекува да има промени во делот за вештачка интелигенција кои ќе овозможат поголеми функции со ВИ на самиот уред, нешто што Apple посебно ќе го рекламира како разлика од конкурентите.
Функциите со вештачка интелигенција кај Apple производите ќе работат локално, а главната предност на тоа би била приватноста на корисниците, а од компанијата нема да пропуштат да ја истакнат оваа предност.
Гурман во неговиот билтен додава дека од компанијата продолжуваат со плановите да договорат соработка со Google или OpenAI за „четбот“, нешто што тие не планираат да развијат, па корисниците може да ги користат Gemini или ChatGPT за разговарање со вештачката интелигенција.
Тоа што би било достапно локално од сопствениот голем јазичен модел и генеративна вештачка интелигенција, се работи како сумирање на веб страните, сумирање на пропуштените известувања, работа со слики и слично.
Новите iPad уреди ќе ги видиме за една недела, а плановите на компанијата со вештачката интелигенција во повеќе детали ќе ги видиме во јуни на WWDC 2024.