Фото: LG Display

LG Display го најави почетокот на масовното производство на нов панел наменет за лаптоп компјутерите кој се очекува да донесе ново ниво на заштеда на енергија кај Windows лаптопите. 

Се работи за панел со стапка на освежување од 1 до 120 херци, а новината е во можноста стапката да се намали до 1 херц. Обично лаптопите имаат стапка која се намалува до околу 24 херци, па разликата дефинитивно не е мала. 

Од LG најавуваат до 48% повеќе батерија за корисниците на лаптоп компјутерите со новиот панел, во споредба со тоа што моментално е достапно на пазарот. 

Dell ќе бидат меѓу првите компании кои ќе го користат овој нов панел, а очекувано, ќе можеме да го видиме кај новата XPS серија која беше претставена на CES 2026. 

„За да се постигне ова прво во светот, компанијата разви свои алгоритми за кола и технологија за дизајн на панели, откривајќи нови материјали и применувајќи оксид со најниско истекување на енергија за време на режимот со ниска брзина на освежување на тенко-филмскиот транзистор (TFT) на екранот.“ – истакнуваат од LG Display.

Ова веќе со години го гледаме кај мобилните телефони, па стапката на освежување се прилагодува динамично зависно од што е тоа што го гледа и прави корисникот на својот уред во моментот. Така, на пример, доколку корисникот чита текст или гледа слики, нема потреба од високата стапка на освежување, а истата се зголемува кога се гледа видео, се играат игри или се разгледува низ социјалните мрежи. 

Намалувањето до 1 херц ќе направи навистина голема разлика, а посебно за ситуациите кога лаптопот се користи за читање или едноставно во моментот не се користи за нешто посебно.